Грвала за изборите во САД: Нема знаци за можна промена на поддршката од Вашингтон за Косово
- Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала, изјави дека не гледа никаков сигнал дека може да има промени во однос на поддршката на Соединетите Американски Држави за Косово, без разлика дали на изборите ќе победи кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп, или пак кандидатката на Демократската партија, Камала Харис, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 4 ноември 2024 (МИА) – Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала, изјави дека не гледа никаков сигнал дека може да има промени во однос на поддршката на Соединетите Американски Држави за Косово, без разлика дали на изборите ќе победи кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп, или пак кандидатката на Демократската партија, Камала Харис, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес-конференција со нејзиниот колега од Луксембург, Ксавие Бетел, кој е во официјална посета на Косово, Грвала рече дека „на пријателството на Косово со САД нема влијаат утрешните избори таму“.
„Како Република Косово, која го претставува најпроамериканскиот народ во светот, имаме среќа што во САД ја имавме поддршката од двата табора, и од демократите и од републиканците. Значи, не гледам знаци дека тоа се менува попатно. Пријателството со Америка не се јакне со зборови, туку со работа“, рече Грвала.
За дијалогот со Србија, таа рече дека под водство на специјалниот пратеник на Европската унија, Мирослав Лајчак немало посакувани резултати.
„Што се однесува до дијалогот, честопати предупредувавме дека дијалогот што го води Мирослав Лајчак не ги донесе посакуваните резултати, така што навистина се надевам дека следната Комисија ќе почне со работа што е можно поскоро“, изјави шефицата на косовската дипломатија.
Таа се осврна и на нападот во Бањска во северно Косово минатата година, нагласувајќи дека овој напад погрешно се толкува како изолиран инцидент, наместо како стратешки обид за окупација на територии.
„Минатата недела на Советот за безбедност на Обединетите нации ја истакнав големата опасност што доаѓа од се нашиот поагресивен сосед (Србија) и од сè поагресивната Русија. И двете имаат за цел да го дестабилизираат Балканот. Европскиот совет за надворешни односи неодамна објави предупредување во кое вели дека доколку НАТО, ЕУ и САД не преземат порешителни чекори за да одговорат на овие закани, постои ризик да се врати конфликтот на Балканот. Ова е сериозно предупредување за сите нас и не принудува уште повеќе да се посветиме на безбедноста и стабилноста на нашиот регион... Само благодарение на нашата силна реакција успеавме да избегнеме инвазија на нашата територија тогаш и не треба да претпоставуваме дека Путин, а и други, овој неуспешен обид го гледаат како крај на нивните цели. Чекаат поповолни околности за да се постигне уништување на државата Косово. Партнерите во ЕУ и НАТО треба сериозно да го сфатат ова“, рече Грвала. иа/