• сабота, 23 ноември 2024

Грантови за 14 училишта во рамки на проектот за јакнење на толеранцијата и меѓуетничката интеграција „Градиме нови мостови“

Грантови за 14 училишта во рамки на проектот за јакнење на толеранцијата и меѓуетничката интеграција  „Градиме нови мостови“

Скопје, 8 јуни 2023 (МИА) - Четиринаесет  училишта во земјава добија грантови за реализација на заеднички наставни и воннаставни активности на децата со различно етничко потекло и наставни јазици на територијата на државава во рамки на проектот „Градиме нови мостови“.

На училиштата кои аплицираа и чии апликации беа одбрани преку повикот за оваа намена, грантовите денеска им ги доделија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Килијан Вал.

-Ако ги научиме младите да ги прифаќаат вистинските вредности, ако ги поттикнеме меѓусебно да се почитуваат, да бидат толерантни во однесувањето, и да ги прифаќаат различностите, тогаш долгорочно ќе го обезбедиме и мирот во општеството како значаен фактор за севкупниот негов просперитет. Тоа е и наша стратешка цел како Влада и Министерство за образование и наука и во остварување на таа цел сме максимално посветени. Имаме план, тој етапно се спроведува и најважно, не сме сами, рече министерот Шаќири во обраќање пред присутните.

Тој посочи дека училиштата се местата каде младите се развиваат како личности, созреваат и ги разбиваат митовите за повеќе стереотипи, кои, вели, некако низ годините се провлекуваа во општеството и за жал и денес се присутни, но се работи на нивно искоренување.

-Овие училишта нема да бидат единствени, затоа што проектот е долгорочен и во иднина ќе се објавуваат и нови повици за ваков тип финансиска поддршка и стимулација на активности за поврзување и градење доверба меѓу младите од различните етнички заедници, додаде Шаќири изразувајќи благодарност до ОБСЕ и амбасадорот Вал за проектот.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ потенцира дека лично е посебно задоволен од проектот бидејќи образованието има моќ да ја обликува иднината и е клучот кој ги отвора вратите на бесконечните можности. Со него, вели, меѓу другото тој, имаме можност за креирање образование кое го слави богатството на мултијазичноста и им отвора нови хоризионти на учениците. 

-Образованието не е само пренесување на знаење туку е катализатор што им дава поттик на соништата и амбициите, како и чувство дека целта е постигната. Тоа претставува средство што не носи кон иднина полна со надеж, среќа и можности. Во рамки на училиштата се спојуваат наставниците и учениците и тука почнува таа трансформација. Можам да објавам дека преку овие грантови ќе се помогне на училишта во Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово, Битола, Охрид, Струга и Кочани, рече амбасадорот Вал изразувајќи задоволство од огромниот интерес на училиштата за проектот.

Покрај грантовите за училиштата, тој додаде дека во рамки на проектот,  се доделуваат и пет грантови преку фондот за младински интеркултурализам на организации од граѓанското општетство од Скопје, Битола и Гостивар.

Проектот „Градење нови мостови“ (ГНМ) се надоврзува на Фондот за градење мостови кој воведе модел за интегрирано образование во Северна Македонија за поддршка на училиштата, општините и граѓанските организации за обединување на децата од различно потекло и јазици преку заеднички воннаставни активности. Овој нов проект понатаму има за цел градење инклузивни општества кои го негуваат и се гордеат со културниот плурализам и ја почитуваат толеранцијата, дијалогот и соработката, во клима на меѓусебна доверба и разбирање како најдобри гаранции на социјалниот мир и безбедноста.

„Градиме нови мостови“ е проект поддржан од Кралството Норвешка, Република Полска и Големото Војводство Луксембург. вг/лв/

 

Фото: МИА

Остани поврзан