• понеделник, 23 декември 2024

Град Скопје: Шилегов оставил корисниците на куќарките на Кејот четири години да ги користат противправно

Град Скопје: Шилегов оставил корисниците на куќарките на Кејот четири години да ги користат противправно
Скопје, 13 април 2022 (МИА) - Град Скопје информира дека претходниот градоначалник Петре Шилегов ги оставил корисниците на куќарките на Кејот „13 Ноември“ четири години да ги користат противправно. Оттаму појаснуваат дека овие корисници првпат се пријавиле на јавен оглас во 2011 година со договор од времетраење од една година, што се продолжувал со анекс секоја наредна година. Оваа пракса прекинала на 31 јануари 2018 година, а лицата се без активни договори од 1 февруари 2018 година. Според Град Скопје, корисниците свесно биле оставени без дозвола и договор да ги користат куќарките, оставајќи можност на претходното раководство да се отстранат кога ќе посакаат. Наведуваат дека постојната состојба е спротивна на прописите, ја ограничува конкурентноста и го оштетува буџетот на Градот и граѓаните. Корисниците се известени дека во рок од 15 дена треба да ги ослободат куќарките од предметите кои се во нивна сопственост и да ги предадат објектите на Град Скопје во состојба во којашто ги примиле според записникот. Од Град Скопје најавуваат дека во следниот период ќе биде објавен јавен повик на кој ќе може да се пријават овие лица, како и сите останати оние кои се заинтересирани. -Ваквата состојба најмалку одговара на корисниците на овие привремени објекти и поради тоа Град Скопје во транспарентна и законска постапка со објава на јавен оглас ќе ја разреши ситуацијата, најавуваат градските власти. Град Скопје апелира до сите медиуми и граѓани во своите натписи да не шират дезинформации. -Сите постапки кои Град Скопје ги спроведува мора да бидат според законот и во целосно транспарентна постапка за да се создаваат позитивни политики за доброто на граѓаните, но и во насока на заштита на корисниците на куќарките, кои ќе можат правно да го регулираат својот статус и правото на користење, стои во соопштението од Град Скопје. мд/бак/

Остани поврзан