Гоцевски ги посети дежурните служби за Новогодишната ноќ во Делчево
- Во новогодишната ноќ, градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, заедно со претседателот на Советот на Општината, Николчо Стојменовски и заменик-градоначалничката Андријана Илиевска Велковски, ги посети дежурните служби од институциите кои се грижат за безбедноста, здравјето и непреченото движење на граѓаните.
Делчево, 1 јануари 2026 (МИА) - Во новогодишната ноќ, градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, заедно со претседателот на Советот на Општината, Николчо Стојменовски и заменик-градоначалничката Андријана Илиевска Велковски, ги посети дежурните служби од институциите кои се грижат за безбедноста, здравјето и непреченото движење на граѓаните.

Како што информира Гоцевски, посетени беа ОВР Делчево, Граничниот премин Делчево, Територијалната противпожарна единица, Итната медицинска помош, а за првпат и дежурните пунктови на „Македонија пат“ и Царинската управа во Делчево.
Во рамки на посетите, претставниците на локалната самоуправа доставиле и опрема како знак на поддршка и внимание за секојдневната работа на вработените – четири душеци, телевизор, компјутер, мал шпорет и специјални светилки.
– Изразив огромна благодарност и искрена почит до сите вработени кои и во новогодишната ноќ се на своите работни места, грижејќи се за безбедноста и здравјето на сите граѓани. Нивната пожртвуваност и одговорност навистина заслужуваат длабока почит, истакна Гоцевски.
Тој на вработените во дежурните служби им посака среќни празници, многу здравје, лична среќа и успех во годината што доаѓа. вс/дма/
Фото: МИА