• петок, 22 ноември 2024

Годишен раст од 5,1 отсто на вкупната кредитна поддршка, од 8,7 проценти на вкупните депозити

Годишен раст од 5,1 отсто на вкупната кредитна поддршка, од 8,7 проценти на вкупните депозити

Скопје, 18 јануари 2024 (МИА) - Во декември 2023 година вкупните кредити бележат месечен раст од 1,3 проценти, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот. Годишниот раст на вкупните кредити, пак, изнесува 5,1 процент и исто така произлегува од зголеменото кредитирање на двата сектора, поизразено кај секторот „домаќинства“, објави денеска Народната банка.  

Вкупните депозити, пак, во декември лани, оствариле месечно и годишно зголемување од
4 проценти и 8,7 проценти соодветно, коешто се должи на придонесот на депозитите на двата
сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“. 

Во декември, кредитите на домаќинствата оствариле мал раст од 0,5 проценти на месечно ниво и во целост е одраз на зголеменото кредитирање во странска валута. Годишниот раст на овие кредити изнесувал 6,7 проценти и во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање во странска валута, при раст и на кредитите во денари. 

Според податоците на НБ, во декември, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа зголемување за 1,1 процент и 1,4 проценти на месечна основа, соодветно, при годишен раст од 6,5 проценти и 10,5 проценти, соодветно.

Во декември, автомобилските кредити бележат месечен и годишен раст од 2,7 проценти и 11, 4 проценти, соодветно. Овој месец, кај кредитите одобрени на кредитни картички е забележано месечно и годишно намалување од 1,9 проценти и 4,7 проценти, соодветно.

Исто така, во декември, негативните салда на тековните сметки се намалиле за 13,8 проценти на месечна основа, додека на годишна основа оствариле мал раст од 0,6 проценти. Во декември, кредитите одобрени врз други основи се пониски за 2,5 проценти и 19,3 проценти на месечна и на годишна основа, соодветно. 

-Кредитите на корпоративниот сектор,  се зголемија за 2,2 проценти во декември во споредба со претходниот месец, како резултат на повисоките кредити одобрени во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити. Годишниот раст од 3,3 проценти во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, покажуваат податоците на Народната банка. 

Вкупните депозити на корпоративниот сектор во декември 2023 забележале раст од 6,6 проценти на месечна основа. Нагорната промена пред сè е одраз на повисоките депозитни пари, при помал позитивен придонес и на долгорочните и краткорочните депозити во странска валута, во услови на пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари. Споредено со декември 2022 година, растот на вкупните депозити изнесува 13,2 проценти, во поголем дел поради зголемените депозитни пари, при дополнителен придонес и на краткорочните депозити во странска валута и во денари и долгорочните депозити во денари.

Во декември лани, вкупните депозити на домаќинствата бележат месечен раст од 3,5 проценти, што во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари, а во позитивна насока влијаат и долгорочните депозити во странска валута и во денари, додека краткорочните депозити во денари и во странска валута забележаа намалување. На годишна основа, депозитите на домаќинствата остварија раст од 7,9 проценти, што се должи на повисоките долгорочни депозити во странска валута и во денари, како и депозитните пари, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари. лв/аа/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан