• сабота, 23 ноември 2024

Гир: Стратегиите се онолку добри, колку што е нивната имплементација

Гир: Стратегиите се онолку добри, колку што е нивната имплементација

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) – Реформата на јавната администрација има апсолутно централна позиција, како за развојот на земјата, така и за нејзините перспективи за членство во Европската Унија, смета евроамбасадорот Дејвид Гир. Во  обраќање на промоцијата на новата Стратегија за реформа на јавната администрација (2023 - 2030) Гир порача дека „стратегиите се онолку добри, колку што е нивната имплементација“, укажувајќи дека во Собранието „се уште се чека да поминат разни закони кои се однесуваат на највисокиот ешалон на јавната администрација, а се особено важни за компетитивна, професионална и високо квалитетна јавна служба“.

Од капацитетот и професионалноста на јавната администрација, според Гир, зависи како искористувањето на средствата од Унијата, така и развојот на политики и соодветни одговори на клучните предизвици.

-   Не велам дека јавните службеници не работат напорно, но секако дека има проблеми. Сите знаеме сервиси што не функционираат, но исто така има многу јавни службеници што работата посветено и напорно, а кои сакаат да видат подобар систем. Проблем е системот, и тоа е она што сметам дека ќе се надмине со оваа стратегија. Се надевам, дека не само оваа влада, туку и следните влади, ќе го гледаат ова како надпартиско и дека резултатите се исклучиво во интерес на граѓаните и тоа државата да има јавна служба како што заслужува, изјави Гир.

Како земјата напредува кон Европската Унија, така и се отвораат фондови и средства, за чие користење, според Гир, администрацијата има клучна улога, бидејќи нивното искористување зависи од нејзиниот капацитет за планирање, менаџирање и покажување одговорност.

-  Мислам дека знаеме дека сегашната состојба  е многу далеку од тоа. Да има напредок, но се уште има големи предизвици, во човечки капацитети, транспарентност и одговорност. Често политичките партии се мешаат во именувањата, што значи дека политичкиот фактор е поважен од заслугите или компетенциите. И секако, многу често комплицираната средина резултира со несоодветна меѓувладина и меѓуинституционална соработка. Ова, секако се предизвици, кои не се само на вашата земја. Не сте единствени, ова се предизвици со кои се соочуваат многу земји низ светот, изјави Гир.

Многу често, според Гир, лекциите не се учат, иако има многу добри извештаи како од државните ревизори и ДКСК, кои содржат многу препораки за подобрување.

-  Честитки до сите кои се вклучени во изработката на Стратегијата. Стратегиите се одлични, но тие се онолку добри, колку што е нивната имплементација. Затоа се ќе зависи од имплементацијата. Ние ќе дадеме поддршка и помош, но значителен дел од работата ќе треба да биде направен, изјави Гир, посочувајќи дека има многу примери каде даваат помош, но се уште чекаат да видат имплементација на препораките и советите.

Тука, појасни Гир, секако мислам на поддршката за разни закони, кои се уште треба да поминат во Собрание, а кои се однесуваат на високиот ешалон на јаваната администрација и се особено важни за компетитивна, професионална и високо квалитетна јавна служба.  

-  Го повикувам Собранието да си ја заврши работата. Секако детално да ја разгледа легислативата, но да се продолжи напред што е можно побрзо, бидејќи ова се клучни закони кои навистина ќе помогнат да се постави рамката, заедно со Стратегијата, за подобрувања во областа на јавната администрација, изјави Гир.

Администрацијата, нагласи Гир, исто така, има клучна улога во развојот на соодветни одговори на клучните предизвици, бидејќи, како што рече „ниту една држава не може да функционира без размислување за иднината и планирање“.

- Вашата улога во евроинтеграцискиот процес ќе биде од клучно значење и нема да може да биде исполнета, без соодветно зголемување на капацитетите и професионализација на јавната администрација. Затоа, во рамки на самиот пристапен процес јакнењето на јавната администрација е дел во групата фундаменти, кои се отвораат први и се следат се до пристапувањето, но и потоа како земја членка, изјави Гир.

Стратегијата за реформа на јавната администрација (2023 - 2030) е на настанот „Современа, ефикасна и дигитализирана Јавна Администрација: Визија 2030. Испорака на поквалитетни јавни услуги за граѓаните и приватниот сектор“ беше промовиорана на настан во организација на  Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка СИГМА.аа/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан