• петок, 22 ноември 2024

Германскиот систем за тревога од катастрофи критикуван поради задоцнето предупредување на граѓаните

Германскиот систем за тревога од катастрофи критикуван поради задоцнето предупредување на граѓаните
 

Берлин, 19 јули 2021 (МИА) - Германскиот систем за предупредување од природни катастрофи е критикуван поради задоцнето предупредување на граѓаните за време на поплавите што ја зафатија западна Германија минатата недела.

„Кога станува збор за заштита од катастрофи, ние сме исто толку лошо подготвени како што бевме со пандемијата“, изјави за „Рајнише пост“ Карл Лаутербах, портпарол на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД).

Тој рече дека Германија треба да биде подобро подготвена за вакви случаи затоа што во иднина ќе има „и повеќе пандемии и повеќе катастрофи“ како онаа што ја погоди земјата минатата недела.
Политичарот на опозициската Либерално-демократска партија (ФДП), Михаел Теурер рече дека настанал „целосен колапс на системот за тревога“ и посочи дека германските власти биле предупредени во деновите пред обилните дождови за можноста од излевање на реките од нивните корита.
„Навремените предупредувања од метеоролозите не беа пренесени на населението и тука  потфрли како власта, така и јавниот медиумски сервис“, рече Теурер. Дебатата во Германија се засили откако британските медиуми објавија изјави на некои експерти кои велат дека Германија повеќе пати била предупредувана од европските институции за пристигнување на огромни количини врнежи. Британскиот хидролог и една од авторките на Европскиот систем за предупредување од поплави (ЕФАС) Хана Клок изјави дека Германија била предупредена за оваа веројатност 24 часа пред да се излее реката Ахр. Подоцна, над 100 луѓе загинаа на овие простори.
„Првите најави дека се подготвува катастрофа беа испратени во Германија девет дена пред излевањето на реките, а 24 часа претходно Германија доби прецизни информации за тоа каде ќе се случат поплавите“, изјави Клок за „Сандеј тајмс“.
Министерството за внатрешни работи на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, една од двете најпогодени покраини од поплавите, призна дека уште минатиот понеделник, два дена пред поплавите, имало сознанија дека се гледа „екстремно невреме“ над погодената област.
Шефот на Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош во случај на катастрофи, Армин Шустер тврдеше дека „инфраструктурата за тревога“ функционира на ниво на комуникација меѓу федералните и локалните власти. „Издадовме над 200 предупредувања преку нашите апликации и медиуми“, рече Шустер. Тој додаде дека не е можно прецизно да се каже каде може да се излеат реките. Шустер се заложи за тоа повторно да се вклучи системот за тревога, што би функционирал и во случај, како што беше минатата недела, да се расипат мобилните телекомуникациски мрежи. паг/  

Остани поврзан