• петок, 26 јули 2024

Герасимовски: 150 семејства со новороденче добија по 7.000 денари еднократна парична помош

Герасимовски: 150 семејства со новороденче добија по 7.000 денари еднократна парична помош

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска доделил 150 решенија за еднократна парична помош за новороденчиња во износ од 7.000 денари. 

- Новите членови на семејството носат најголема среќа, безброј насмевки и милувања, но и големи предизвици. Се надевам дека оваа наша помош ќе покрие дел од семејниот буџет кој во овој период има дополнителни трошоци. Ова се најсреќни мигови во вашиот живот, уживајте, посветете се, затоа што најважната грижа е грижата за семејството и тоа да биде здраво и среќно. Општина Центар непрекинато ќе работи да им обезбеди безгрижно и исполнето детство, порачал Герасимовски, соопштија од Општина Центар.

Покрај еднократната парична помош, семејствата на новите жители на општината добиле и пакет производи од компаниите Европа Лек Фарма и Веледа, како и педијатриски услуги од Клиничката болница „Жан Митрев“.

Општина Центар редовно доделува еднократна парична помош за новите родители во рамки на проектите од областа на детската заштита и грижата за најмладите жители на Општината. цр/нд/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан