• четврток, 29 август 2024

ГЕА и WOBA - Здружено кон унапредување на родовата еднаквост на работното место

ГЕА и WOBA - Здружено кон унапредување на родовата  еднаквост  на работното место

Скопје, 26 август 2024 (МИА) - Претседателката на Алијансата за родова еднаквост на работното место - ГЕА, д-р Нина Ангеловска Станков и Главната амбасадорка за Women on Boards Adria - WOBA за Северна Македонија, Тања Михајловска Димитриевска, потпишаа меморандум за соработка со цел реализација на заеднички активности насочени кон унапредување на родовата еднаквост на работното место.

ГЕА и WOBA, заедно со бизнис секторот, со владини и меѓународни институции, ќе соработуваат со цел да промовираат еднакви права, еднакви можности и еднакво вреднување на трудот на работното место, како и поголема застапеност на жените во управните и надзорните одбори меѓу највисоките раководства во компаниите од Јадранскиот регион.

Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место е иницијатива на Асоцијацијата за е- трговија на Северна Македонија, кој се залага за не-дискриминација и еднакви права и можности за сите, како и промовирање на важноста на родовата еднаквост на работно место за поголема конкуретност, диверзитет и подобри бизнис резултати на компаниите, со фокус на улогата на еднаквоста во дигиталната економија, технологиите, дигитализацијата и е-трговијата. Алијансата се залага за создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднуваат за нивниот уникатен придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место. Алијансата за родова еднаквост на работното место е т.н. commitment maker за Родова еднаквост при UN Women и работи кон целта за одржлив развој #SDG5 - Родова Еднаквост.

-Со потпишувањето на овој меморандум, ГЕА и WOBA ја зајакнуваат својата заедничка посветеност кон унапредување на родовата еднаквост на работното место, особено во процесите на одлучување и раководење. Оваа соработка е од стратешко значење за нас, бидејќи ни овозможува да го интензивираме нашето влијание и да ја унапредиме родовата диверзификација на сите нивоа на работното место, не само во Македонија, туку и во регионот. Заеднички, ќе работиме на рушење на бариерите што ги спречуваат жените да стигнат до лидерските позиции, со цел да го забрзаме напредокот кон постигнување на еднакви права, еднакви можности и еднакво вреднување на трудот на работното место и доближување до европските стандарди за родова еднаквост во управувањето, изјави д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Алијансата за родова еднаквост на работното место - ГЕА.

Women on Boards Adria - WOBA, пак, е регионална непрофитна иницијатива основана за унапредување на родовата еднаквост во процесите на одлучување и раководење. WOBA работи со бизнис секторот, со владини и меѓународни институции со цел да се промовира поголема родова застапеност во управните и надзорните одбори меѓу највисоките раководства во компаниите од јавен интерес во Јадранскиот (Западно-Балканскиот) регион.

Women on Boards Adria (WOBA) е посветена на промовирање на родовата разновидност во бизнисот преку поттикнување на компаниите да назначат повеќе жени во нивните управни одбори,“ изјави Билјана Брејтвејт (Biljana Braithwaite), Претседателка на Women on Boards Adria.

- Нашето партнерство со Алијансата за родова еднаквост на работното место - ГЕА е од клучно значење за унапредување на родовата рамнотежа, подобрување на општествената положба на жените и обезбедување еднакви права и можности во Северна Македонија и поширокиот регион. Со експертизата на ГЕА, имаме за цел да ја зголемиме конкурентноста, разновидноста и резултатите во бизнисот, особено во дигиталната економија и технолошките сектори.“ Брејтвејт додаде: „Ние се стремиме да ги поддржиме жените преку обезбедување обука и менторство за да ги подобрат своите вештини за управни одбори, подготвувајќи ги компаниите да ги исполнат европските стандарди. Постигнувањето извонредни резултати е наша цел, и ние длабоко ја цениме поддршката на Алијансата за родова еднаквост на работното место - ГЕА на ова важно патување."

- Заедно со корпоративните партнери, стратешките партнери, организациите со слична мисија, членовите на одборот, амбасадорите и поддржувачите во Северна Македонија и целиот Адрија регион, се стремиме да постигнеме неопходен раст во родовата диверзификација на одборите и на сениорските лидерски позиции. Преку развој на таленти, обуки, градење на лидерска мрежа и менторски програми, сакаме да ги подготвиме професионалците за напредок во нивната кариера, изјави Михајловска Димитриевска. 

Преку потпишувањето на овој Меморандум, ГЕА и WOBA ја потврдуваат заедничката заложба за унапредување на родовата диверзификација и обезбедување на инклузивност на сите нивоа на работното место, во насока кон усогласување на родовите политики во регионот со политиките на ЕУ, како и заложбата за посветување на внимание на поширок круг на прашања кои ја засегаат родовата нерамноправност во деловниот сектор и поддршка на жените во остварување на нивните едукативни и деловни потфати. ев/

ФОТО: ГЕА 

Остани поврзан