• недела, 22 декември 2024

Гаши: Мојата татковина е Северна Македонија

Гаши: Мојата татковина е Северна Македонија

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска преку Фејсбук го појасни изнесеното во интервјуто за косовската телевизија, нагласувајќи дека неговата татковина е Северна Македонија. 

-Во однос на прашањето за мојата татковина, свесен сум за обвинувањата и искривувањата од различни медиуми кои се обидуваат да привлечат внимание. Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија. Да појаснам и за јавноста, точната изјава во моето интервју беше дека „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив“, вели Гаши.

Тој истакна дека албанскиот јазик користи сложена именка што ги комбинира поимите мајка и земја и додаде дека за него е важно како се гледа на државата, дали се работи на нејзин напредок или уназадување.

-Сепак, верувам дека се разбираме доволно добро за да не бараме детални објаснувања за поимите како родно место, татковина или мајковина, бидејќи албанскиот јазик користи и сложена именка што комбинира мајка и земја. За мене најважно е преку нашите постапки да покажеме како ја гледаме нашата земја, која е нашата посветеност кон неа, кои се нашите придонеси и да правиме разлика меѓу оние кои ја градат и збогатуваат и оние кои ја уништуваат и крадат таа. Од тврдењата и изјавите за патриотизам граѓаните немаат никаква корист, а ние не сме тука да се натпреваруваме кој е по патриот. Јас не уживам во такви дебати и ова е мојата конечна изјава за оваа тема, вели Гаши.

Мандатарот на идната влада Христијан Мицкоски вчера изјави дека не ја чул изјавата на претседателот на Собранието Африм Гаши дека негова татковина е Косово, и рече дека доколку тоа е така тој треба час поскоро да им се извини на граѓаните.  

-Јас не сум ја слушнал изјавата на Африм Гаши. Јас мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа што јас сум го разговарал со господинот Африм Гаши сум слушнал лично од него дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Не знам за таква изјава, не сум слушнал. Но ако има таква изјава тогаш треба да им се извини на граѓаните на Македонија. И тоа треба час поскоро да го направи, бидејќи од тука зема плата и од страна на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Валсите, Бошњаците е избран за претседател на македонското Собрание, изјави мандатарот  Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на мандатот во Вила Водно. ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан