• понеделник, 23 декември 2024

Гарибашвили: Воведувањето санкции кон Русија ќе ја разурне грузиската економија

Гарибашвили: Воведувањето санкции кон Русија ќе ја разурне грузиската економија

Тбилиси, 24 мај 2023 (МИА) - Тбилиси не може да си дозволи воведување санкции кон Москва што можат да ја „разурнат“ грузиската економија, изјави денеска грузискиот премиер Иракли Гарибашвили, додека опозицијата во оваа земја на неодамнешните демонстрации ја обвини власта за затворање на противниците, замолчување на независните медиуми, соработка со Кремљ и обид да не се внесе земјата во Европската унија (ЕУ).

Неколку дена по обновувањето на воздушната линија меѓу Тбилиси и Москва, во екот на војната во Украина, грузискиот лидер ја бранеше позицијата на својата земја, која е цел на критики од меѓународната заедница.

- Доколку воведеме каква било форма на економски санкции против Русија ние не само што би и наштетиле на Грузија, туку би ја уништиле целата економија и би ги загрозиле интересите на нашата земја и нашиот народ, рече премиерот на форум во Катар.

По распадот на СССР, на почетокот на 1990-тите години проруските сепаратистички републики Абхазија и Јужна Осетија прогласија независност од Грузија. По кратката војна со Грузија во 2008 година, Русија ефективно ја презеде контролата врз двете територии и ја призна нивната независност.

Гарибашвили ја критикуваше меѓународната заедница која потоа, како што рече, „продолжи нормални односи со Русија“.

„Каде е логиката? Нашата војна не беше војна, а војната во Украина е војна?“, праша тој, потсетувајќи дека во 2008 година Русија окупираше 20 отсто од грузиската територија и постави две воени бази.

Грузија официјално сака да влезе во Европската унија и НАТО, но невладините организации и опозициските активисти ја обвинуваат владејачката партија „Грузиски сон“ дека има проруски и авторитарен став.

Илјадници поддржувачи на опозицијата во април се собраа на протест против властите во Тбилиси. сд/

Остани поврзан