• петок, 22 ноември 2024

В петок сеноќно бдение во Бигорски во чест на чудотворната икона „Достојно ест“

В петок сеноќно бдение во Бигорски во чест на чудотворната икона „Достојно ест“

Дебар, 20 јуни 2023 (МИА) - Свештената бигорска Обител традиционално и годинава ќе го одбележи празникот на Пресвета Богородица, во чест на нејзината икона „Достојно ест“, која во овој божји храм пристигна кусо по пожарот на 30 септември 2009 година, кога пламените јазици целосно го пеплосаа Горни Палат.

- На 23 јуни (петок) 2023 лето Господово, во Свештената бигорска Обител во 22 часот ќе започне сеноќното бдение во чест на празникот на Пресвета Богородица, во спомен на Нејзината чудотворна икона „Достојно ест“. Благослов да присуствуваат имаат сите коишто молитвено сакаат да го прослават сечесниот спомен на Мајката Божја, стои во соопштението на манастирот.

Отец Кирил за МИА изјави дека дека Бигорскиот собир се закитил со копијата од оваа прекрасна икона во 2009 година, како „една слатка утеха после страшното огнено искушение врз обителта".

– Со тоа Богомајката им покажа на своите чеда монаси, дека е тука со нив и во најтешките мигови, за мајчински да ги поткрепи и да им вдахне нови сили за духовна борба. А благодарното монашко срце непрестајно ја искажува својата верност и благодарност, плетејќи сеноќни славословија во чест на Царицата и на нејзината икона „Достојно ест“. Така и сега неизмерната синовска љубов ќе ги собере сите во Бигорското светилиште на уште една духовна средба со Мајката на животот, во чиишто прегратки сите таги и неволи исчезнуваат, вели отец Кирил.

Според црковниот календар и преданијата на црквата, на 24 јуни се празнува иконата „Достојно ест“ заради чудото кое се случило пред неа во времето на патријархот Никола Хрисоверг (983-996).

Традиционално во Бигорскиот манастир се очекува големо присуство на верници кои ќе присуствуваат на одбележувањето на денот на иконата „Достојно ест“. вт/дма/

Фото: Бигорски

Остани поврзан