• понеделник, 23 декември 2024

Вулин со Лавров и Патрушев за подобрување на „стратешкото партнерство“ меѓу Србија и Русија

Вулин со Лавров и Патрушев за подобрување на „стратешкото партнерство“ меѓу Србија и Русија

Белград, 14 август 2024 (МИА) - Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, денеска во Москва се сретна со помошникот на претседателот на Руската Федерација, Николај Патрушев и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со кого, како што соопшти Владата на Србија, се согласил дека „двете земји се заинтересирани за натамошно подобрување на Српско-руско стратешко партнерство“. јави дописникот на МИА од Белград.

Вулин, кој е на црната листа на САД,  на средбата со Лавров повтори дека е „горд што Србија не е дел од антируската хистерија и што не воведе санкции кон Руската Федерација“.

-Тој им се заблагодари на Русија и на министерот Лавров за нивниот принципиелен став за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и нивната несебична поддршка во борбата на српскиот народ против резолуцијата за Сребреница, се наведува во соопштението на Владата испратено до медиумите.

Во него се додава дека Вулин и Лавров меѓу другото разговарале за моделите и механизмите за воспоставување соработка меѓу Република Србија и организацијата БРИКС.

На средбата се истакнати пријателските и срдечни односи меѓу претседателите Александар Вучиќ и Владимир Путин, а министерот Лавров изразил поддршка за цврстата и доследна политика на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

На средбата со помошникот на претседателот на Руската Федерација, Николај Патрушев, Вулин му честиташе на Патрушев за неговото назначување на позицијата помошник на претседателот на Руската Федерација и неговото назначување за претседател на Поморскиот колегиум. Патрушев е поранешен офицер за безбедност и поранешен разузнавач кој беше секретар на Советот за безбедност на Русија до 2024.

-Воспоставен е взаемен фокус на натамошното унапредување на стратешкото партнерство меѓу Србија и Русија, констатирано е на средбата, се наведува во соопштението на српската влада.

Вулин истакнал дека помошникот на претседателот на Русија, Патрушев, е голем пријател и сојузник на Србија и му се заблагодари за неговите напори и посветеноста на Руската Федерација во борбата против усвојувањето на резолуцијата за Сребреница и конзистентната политика на почитување на територијалниот интегритет и суверенитет.

Вулин е во повеќедневна официјална посета на Москва. На 12 август тој изјави дека Србија нема да воведе санкции кон Русија и дека руско-српската трговска соработка продолжува „и покрај обидите да се воведат ограничувања“. об/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан