• петок, 09 август 2024

Врховниот суд на Албанија ја потврди затворската казна на Фреди Белери

Врховниот суд на Албанија ја потврди затворската казна на Фреди Белери

Тирана, 13 јули 2024 (МИА) - Врховниот суд на Албанија во петокот ги потврди одлуките на пониските судови според кои Фреди Белери, припадник на грчкото национално малцинство, европратеник и поранешен градоначалник, е осуден на две години во затвор за купување гласови, што ги заостри односите меѓу Албанија и Грција, пренесува Бета.

Како што се наведува во соопштението, судот ги потврдил и првостепените и второстепените решенија против кои се жалел Белери (51).

Белери има двојно државјанство. Тој минатиот месец влезе во Европскиот парламент како претставник на Грција од листата на Нова демократија.

Според канцеларијата на Белери во Атина, затворските власти му одобриле петдневно отсуство за да може да присуствува на инаугуративната седница на новиот Европски парламент во Стразбур, која ќе се одржи од 16 до 21 јули.

Европратениците уживаат кривично-правен имунитет, но тоа правило веројатно нема да важи за Белери, бидејќи тој извршил кривично дело во земја која не е членка на Европската унија.

Белерис беше избран за градоначалник на градот Химаре, на 240 километри од Тирана.

Тој беше уапсен два дена пред изборите под обвинение дека понудил 40.000 албански леки (тогаш 360 евра) за да купи осум гласови.

Белери никогаш не положи заклетва како градоначалник бидејќи беше приведен, а подоцна осуден на две години затвор.

Тој ги негира обвиненијата, а властите во Атина тврдат дека неговиот притвор е политички мотивиран.

По одлуката на второстепениот суд да ја потврди првостепената пресуда, на Белери му беше одземена функцијата градоначалник, и закажани нови избори во Химаре на 4 август.

Случајот ги заостри односите меѓу Тирана и Атина, а Грција предупреди дека тоа би можело да го попречи патот на Албанија кон пристапување во Европската унија.са/

Фото. МИА архива

Остани поврзан