• среда, 11 септември 2024

Во Штип викендов Фестивал за млади пијанисти „Golden Piano Talents“

Во Штип викендов Фестивал за млади пијанисти „Golden Piano Talents“

Штип, 11 септември 2024 (МИА) - На 13 и 14 септември, Општина Штип ќе биде домаќин на третиот Фестивал за млади пијанисти „Golden Piano Talents“ кој претставува уникатен и значаен музички настан и кој за кратко време привлече огромен интерес  во  светската пијанистичка фела, изјави Марија Максимова, претседателка на  „Интернационалното Здружение за Културен Развој и Едукација-Арт Фест“.

Посочи дека на фестивалот ќе настапат млади пијанисти – победници на многу интернационални пијанистички натпревари, а воедно и прворангирани во различни дисциплини на „Golden Piano Talents“ -  натпревар на кој зедоа учество пијанисти од околу 50 држави. Пијанистите кои ќе настапат се избрани од стручно жири составено од меѓународно докажани пијанисти и педагози по пијано. Во рамки на фестивалот ќе се одржи и концерт на наградените пијанисти од нашата држава. Вкупно, на сцената во уметничката галерија „Безистен „ќе настапат 45 пијанисти и публиката ќе може да ужива во нивните беспрекорни интерпретации.

-Со еден збор, Штип ќе биде светски центар на пијанизмот овој викенд и ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на исто место. Фестивалот ќе биде големо освежување во музичката уметностне само во нашата земја, туку и пошироко. Веќе има најавено гости од 15 држави. Во рамките на фестивалот ќе се одржат пет соло рецитали и два заеднички концерти: на победниците во  различни категории и на македонските наградени пијанисти, рече Максимова.

На првиот фестивалски ден (13 септември) рецитали ќе одржат: Сергеј Дружинин од Велика Британија, Алона Каспит од Израел, Валентуна Ибрики од Чешка, Бен Полонски од Израел и Андреј Шаклев – Македонец кој живее во Италија. На вториот фестивалски ден, пијано рецитал ќе одржи лауреатот на натпреварот Јоана Маја Јасновска од Полска. Истиот ден ќе се одржи концерт на македонски млади пијанисти.

Акцентот на фестивалот е ставен на  Големиот свечен концерт на победниците на 14 септември (сабота) во 20 часот на кој ќе настапат пијанисти од 12 земји, а тогаш ќе се врачат медалите, плакетите, дипломите и паричните награди на младите пијанисти и нивните ментори.

-Освен пијанистите кои ќе одржат соло рецитали претходно, тука ќе настапат и Лео Кудре-Моро – Швајцарија, Габриел Кордина – Малта, Ина Даи – Германија, Луцја Дабковска – Полска, Ема Кејт Мифсуд – Малта, Стефан Ончев – Северна Македонија, Едвин Недељко – Хрватска, Виктор Василев – Бугарија, Лејла Сијариќ – Германија и Триото „Мистико“ од Словенија, составено од Маја Менарт, Тинкара Тушар и Каролина Гантар, рече Максимова.

Влезот во уметничката галерија „Безистен“ во Штип е бесплатен. вдј/дма/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан