• четврток, 04 декември 2025

Во Тетово поставена изложбата „Часословот на Јаков од Камена Река“

Во Тетово поставена изложбата „Часословот на Јаков од Камена Река“

Тетово, 4 декември 2025 (МИА) - Во салата на управната зграда на Музејот на тетовски крај (поранешен Дом на Армијата) од денеска е поставена изложбата „Часословот на Јаков од Камена Река“. Изложени се фрагменти од книгата „Часословот на Јаков од Камена Река“, која е превод од црковнословенски на македонски јазик, во организација на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“.

- Тука ние имаме 39 страници од книгата „Часослов“. Многу е важна за нас, за Македонија оваа изложба и овој фестивал „Јаков од Камена Река“ бидејќи сето ова се случувало далечната 1566 година, некаде околу пред пет века. Јаков од Камена Река во предговорот на „Часослов“, пишува: Јас Јаков кој доаѓам од Камена Река од мојата Македонија. Пред пет века Јаков бил свесен дека е Македонец и е од Македонија. Се надевам дека луѓето што ќе ја посетат оваа изложба ќе можат многу работи да видат, односно да се запознаат и со првиот наш печатар Јаков од Камена Река, изјави Миле Ѓорѓијоски, директор на Фестивалот.

Во рамки на активностите на Фестивалот, како носител на проектот „Сатиричната работилница за деца“ ученици од тетовските училишта имаа можност да стекнат искуство во создавање и пишување на афоризми и поговорки.

- Тие збор по збор се запознаа како се прави афоризам, односно како се прави епиграми, како истите се илустрираат. Јас се надевам дека овие часови ќе бидат успешни. Ние сме биле во 15 градови во Македонија, а еве го денес продолжуваме во Тетово. Гледам дека има многу деца, дека ќе научат нешто, како и другите деца, истакна Миле Ѓорѓијоски.

Поставените фрагменти од изложбата „Часословот на Јаков од Камена Река“ ќе бидат изложени и во наредните десетина дена во просториите на Музејот на тетовски крај (поранешен Дом АРМ) со цел и граѓаните да имаат прилика да го видат ова историски сведоштво за македонскиот идентитет.

Оригиналното дело на Јаков од Камена Река е печатено 1566 во Венеција. Крива Река е денешна Македонска Каменица. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан