• недела, 17 ноември 2024

Во тек е реконструкција на паркот во дебарската населба Венец еден

Во тек е реконструкција на паркот во дебарската населба Венец еден

Дебар, 24 јули 2024 (МИА) - Во рамки на неколкуте проекти што ги реализира Општина Дебар, во тек е и реконструкцијата на паркот што се наоѓа во населбата Венец еден.

- Активностите се спроведуваат со цел овој парк повторно да се користи за одмор и рекреација на населението, па без овие активности присуството во паркот беше несоодветно, па дури и небезбедно. Оштетувањата на опремата на паркот беа многу големи,  а жители често реагираа на исчезнувањето на реквизитите и клупите за седење кои беа поставени во овој парк. Упатувам порака до жителите од оваа наелба но и други граѓани да водат грижа и да не ги оштетуваат, рече градоначалникот Хекуран Дука, кој беше на увид на работите.

Оваа активност се реализира со средства од локалниот буџет, а главната цел беше да се врати изгледот на паркот во оваа населба, но и да се искористи овој простор на паркот како што се користеше досега.

Се поставуваат нови реквизити, клупи и светилки, искосена е тревата, исчистени се патеките, се поставуваат нови капаци на шахтите, украдени за старо железо, а поставена е и чешма.

Паркот, кој е втор по оној во центарот во градот, изграден е пред повеќе од две децении, со поддршка на УСАИД, во населбата, која
никна по катастрофалниот земјотрес што го погоди Дебар во 1967 година. Освен жителите од оваа, една од најнаселените населби, го
користат и жители од другите делови на градот, бидејќи од него се простира видик кон Дебарско Езеро. Во негова непосредна близина е и спортски полигон на кој младите спортуваат кошарка и мал фудбал. вт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан