• недела, 22 декември 2024

Во Собранието одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Во Собранието одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Во Собранието денеска беше одбележан 11 јули - Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Учесниците апелираат до Владата, согласно Резолуцијата на ОН, да го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, кој го отвори настанот, истакна дека овој настан потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, владеењето на правото, соживотот, демократијата и на почитувањето на човековите права.  

- Мирот, владеењето на правото, соживотот, демократијата и почитувањето на човековите права се круцијални вредности што треба да ги чуваат, негуваат и надградуваат сите цивилизирани и демократски општества, во ерата на глобализацијата, кога од нашето поблиско, но и подалечно опкружување, се уште стигнуваат вознемирувачки вести за воени судири, рече Гаши. 

Од името на пратениците во Собранието и од негово лично име изрази сочувство за жртвите во Сребреница, посочувајќи дека Северна Македонија, заедно со повеќето земји во светската организација, неодамна застана зад Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се осудува негирањето на геноцидот и со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

-Оваа Резолуција, како што истакнаа и нејзините предлагачи, не е насочена против никого посебно, туку се однесува единствено на извршителите на геноцидот, кои секако се општо познати, а за некои веќе се извршени и меѓународни пресуди за воени злосторства, рече Гаши. 

Собранието на Република Северна Македонија секоја година го одбележува Денот на сеќавање на геноцидот од 1995 година, откако во 2010 година,  со Декларација, е поддржана Резолуцијата на Европскиот парламент  за Сребреница. 

Мерсиха Смаиловиќ од Здружението Диванхана се заблагодари што за овој ден се дебатира во Собранието, посочувајќи дека на тој начин претседателот на Собранието и државата се големи пријатели на Бошњачката заедница. Ова, како што кажа таа, е доказ дека Македонија нема да го негира геноцидот.

- Геноцидот во Сребреница стои како ужасен потсетник за способноста за човечка суровост и катастрофалните последици од омразата и нетрпеливоста. Додека размислуваме за трагедијата што се случи во јули 1995 година, од клучно значење е да се почитуваат спомените на повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња на кои им е одземено правото на живот, рече Смаиловиќ.

Осврнувајќи се на неодамна донесената Резолуција од Собранието на ОН, рече дека прогласувањето на 11-ти јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот е значаен чекор. - Ова ќе овозможи глобална свест и внимание кон трагедијата, што е критично за обележување на историските настани и запазување на поменот за жртвите и нивните семејства, рече Смаиловиќ.

Таа смета дека треба да се осуди секое негирање на геноцидот и повика веќе утврдените факти да бидат дел од образовните системи и програми, но и да се осуди глорификацијата на осудените воени злосторници.

-Сребреница силно не потсетува дека мора да останеме будни против омраза и нетрпеливост. Оваа резолуција ја симболизира надежта за идните генерации и ветувањето за продолжување на борбата против омразата и поделбите, смета Смаиловиќ.

На настанот во Собранието зборуваа и проф. д-р Сеад Џигал, Сафет Бишевац и други. ев/бак/

 

Остани поврзан