Во Скопје се расчистуваат сливниците, паднатите дрвја и билбордите од коловозите и тротоарите
- Од ЈП Улици и патишта Скопје утрово информираат дека по невремето интервенирале со цела оператива и механизација на терен и притоа биле поделени на реони да делуваат на расчистување на улицит
![Во Скопје се расчистуваат сливниците, паднатите дрвја и билбордите од коловозите и тротоарите](https://new.mia.mk/images/20221113210703_big_730x400_79.webp )
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Од ЈП Улици и патишта Скопје утрово информираат дека по невремето интервенирале со цела оператива и механизација на терен и притоа биле поделени на реони да делуваат на расчистување на улиците и тротоарите за нормализирање на сообраќајот.
-Паралелно екипите се координираа со ЈП Паркови и заленило и ЈП Водовод со кои интервенираа на расчистување на сливниците и паднатите дрвја и билбордите од коловозите и тротоарите, соопштија од ЈП Улици и патишта Скопје.
![Интервенција на семафори](/articles/images/%d0%b2%d0%be-%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf%d1%98%d0%b5-%d1%81%d0%b5-%d1%80%/Olb5WTFCo/placeholder.webp?use_watermark=0)
Од механизација, како што посочуваат, интервенирано е со три комбинирани машини скипа, три боб кет машини и три камиони.
- Од оператива беа ангажирани шест екипи на терен и дежурни работници за одржување на сообраќајната сигнализација санација на дефекти на семафори и вертикална сигнализација, вкупно 73 лица на терен. Интервенции со расчистување на сливниците и паднати дрва имаше на бул.„Партизански Одреди“, бул.„М.Т.Гологанов“, „Кочо Рацин“, „Филип Втори“, подвозник на бул.„Киро Глигоров“, бул.„Јане Сандански“,бул.„Гоце Делчев“ кај МТВ, кеј „Димитар Влахов“ и други, се наведува во соопштението од ЈП Улици и патишта Скопје.
Санацијата на дефекти на семафорите имало во сите општини каде што се јавило потреба.
-Настанатите последици на светлосната сигнализација се уште се санираат на терен и ќе продолжат во текот на целиот ден со цел воспоставување на нормално функционирање и безбедност во сообраќајот. Во текот на вечерните часови санирани се и оштетените плочи на плоштадот „Македонија" кај фонтаната. Екипите продолжуваат понатаму со активностите за нормализирање на светлосната сигнализација на градските крстосници, се дополнува во соопштението. дма/лв/