• петок, 05 декември 2025

Во Скопје се одржува Национална тркалезна маса за климатска и еколошка правда во Северна Македонија

Во Скопје се одржува Национална тркалезна маса за климатска и еколошка правда во Северна Македонија

Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Во Клубот на пратеници од утрово почна да се реализира Националната тркалезна маса за климатска и еколошка правда во Северна Македонија.

Во поздравното обраќање, амбасадорот на Република Франција во нашата држава, Кристоф Ле Риголер истакна дека акциониот план за климатска правда што ќе биде претставен на оваа тркалезна маса, е важна алатка, 

- Од политичка гледна точка она што е важно, е, дека овде работиме на предизвици за кои е тешко да се даде одговор само во националните рамки и граници, затоа што ова се глобални проблеми и сето тоа бара размена на експертиза и позајакната соработка, нагласи амбасадорот.

Притоа, Ле Риголер подвлече дека Франција останува посветен партнер на Северна Македонија за соработка, заедно со другите меѓународни фактори, за јакнење на транспарентноста и климатската и еколошката права, лоцирање на одговорноста. 

Министерот за правда Игор Филков рече дека овој значаен настан е посветен на едно од темелните човекови права - правото на здрава животна средина.

- Во нашата држава, правото на здрава животна средина е подигнато на ниво на уставна гаранција. Во Уставот е утврдено дека секој човек има право на здрава животна средина и дека секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, при што, државата е должна да обезбеди услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Постојано сме сведоци на деградирање на животната средина што има катастофално влијание за нашето здравје и квалитетот на животот на граѓаните. Токму затоа, на ова прашање посебно внимание се посветува на глобално и регионално ниво. Во оваа пригода, посебно би го истакнал донесувањето на Конвенцијата за заштита на животната средина преку кривичното право во рамките на Советот на Европа и на Директивата за заштита на животната средина, преку кривичното право во рамките на Европската Унија, подвлече министерот.

Тој додаде дека паралелно со наведените активности на меѓународните организации, ова прашање претставува еден од врвните приоритети и на нашата Влада.

- Насоките за клучните реформи во оваа сфера се утврдени во Поглавјето 27 - животна средина и климатски промени, во рамките на нашето пристапување во Европската Унија. Bo тие рамки, би сакал да истакнам дека нашите успеси на ова поле ќе бидат оценувани преку успешноста на органите надлежни за заштитата на животната средина, од аспект да ги хармонизираат и спроведат стратегиските, законските и институционалните промени, што директно влијае за зајакнување на владеењето ето на правото и целосно исполнување на стандардите во сферата на животната средина, истакна Филков.

Имаќи ја предвид комплексноста на заштитата на животната средина, тој рече дека сака да ја нагласи потребата од мултидисциплинарен и мултиресорски приод во справувањето со овие предизвици.

- Изминатиов период, во глобални, регионални национални рамки сме сведоци на преземање бројни мерки и активности за справување со загадувањето од секаков вид и за преземање глобални мерки за заштита на природата. И кај нас, следејќи ги искуствата од другите држави, мерките и активностите во оваа сфера се осмислени на повеќе нивоа: најпрвин подигање на свеста за значењето на животната средина и нејзиното унапредување, и како второ преземање конкретни мерки кон загадувачите и нивно соодветно казнување. Во контекст на вториот аспект што спаѓа во директна надлежност на Министерството за правда, би сакал да ве информирам дека во рамките на Министерството веќе се реализирани исклучително значајни мерки во сферата на казнено-правниот систем. Имено, по детална анализа, со учество на судии, јавни обвинители, адвокати, професори и бројни учесници од граѓанскиот сектор, беа изготвени одредби од Главата за кривичните дела против животната средина и природата, што беа донесени како дел од измените на Кривичниот законик. Ми претставува особено задоволство да ве известам дека овие кривични дела се целосно усогласени со меѓународните стандарди, содржани во бројните инструменти за заштита на животната средина, додаде министерот.

Донесувањето на измените со овој сет кривични дела, како што истакна, претставува само првиот чекор кон успешно справување со овој вид криминал.

- Следниот наш предизвик ќе биде доследната примена на овие одредби во практиката за што, меѓу другото, се реализираат повеќе активности од кои во оваа пригода посебно би ја нагласил континуирана обука на судиите и јавните обвинители. Наш предизвик е интензивирање на соработката со надлежните инспекции и нивно централизирање на регионално ниво заради оптимално користење на посебните ресурси кои се неопходни за справување со предизвикувачите на загадувањето, дециден беше Филков.

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, исто така, изрази задоволство од денешниот настан.

- Голема благодарност на Француската агенција за развој, на Експертиз Франс и на сите партнери вклучени во проектот „Климатска и еколошка правда“, за нивната посветеност и техничка поддршка. Со започнување на овој Проект, во 2024 година и како регионален проект со Албанија и Црна Гора, се воспостави конкретен пример за успешна меѓународна соработка заснована на доверба, размена на искуства и заеднички цели. Потенцијалот на државите за размена на искуства, пристап и политики се многубројни, но, сепак преземање акција на национално ниво е од витално значење за спроведување на препораките и законите.  Овој проект има стратешко значење за нашата држава, откако придонесува, не само за зајакнување на системот за еколошка правда, туку и за усогласување со европските стандарди и добри практики во рамките на Поглавје 27 - животна средина и климатски промени, од пристапниот процес кон Европската Унија, истакна таа.

Лашкоска додаде дека нашата земја располага со извонредно природно богатство со непроценлива вредност, но, нагласи, тоа богатство е и исклучителна одговорност.

- Се соочуваме со растечки предизвици предизвикани од глобалните кризи поврзани со климатските промени, енергетска криза, губење на биодиверзитетот. Овие предизвици бараат кохерентен и интегриран одговор, заснован на принципите на правдата. Заштитата на животната средина не може целосно да се обезбеди без силна законска рамка, ефикасни институции, цврста меѓуинституционална координација и силен и спремен правосуден систем. Зајакнувањето на капацитетите на институциите во правосудниот систем е една од главните цели на проектот, исто како подобрување на координацијата меѓу Министерството за животна средина, Министерството за правда, инспекциските служби, обвинителствата и судовите, како и зголемување на разбирањето за еколошкото право на сите нивоа, рече Лашкоска.

Таа подвлече дека еколошката правда не се однесува само на институциите, туку и на граѓаните, локалните заедници, невладините организации и медиумите, кои се главни партнери во процесот на донесување одлуки.

- Како Министерство за животна средина и просторно планирање, активно работеме на подобрување на транспарентноста, пристапот до информации и учеството на јавноста, во согласност со принципите утврдени во Архуската конвенција и во европското законодавство. Тие принципи се темелите на современото и одговорно управување со животната средина. Реформите што ги спроведуваме во рамките на процесот на европска интеграција нè охрабруваат да ги зајакнеме институциите, да ја подобриме координацијата и да инвестираме во човечкиот капитал. Свесни сме дека имаме уште многу работа, но, чекор по чекор одиме напред со решителност, додаде Лашкоска.

Таа им се заблагодари на судиите, инспекторите, службениците и претставниците на граѓанскиот сектор, кои, како што појасни, секојдневно придонесуваат за оваа цел.

- Нивната посветеност покажува дека еколошката правда не е далечна идеја, туку реалност што постепено се гради во нашата земја, додаде Лашкоска.

Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани рече дека климатската и еколошката правда станаа теми што го дефинираат темпото на современата европска политика, но, уште поважно, го дефинираат темпото на секојдневниот живот на нашите граѓани. Најранливите категории како руралните домаќинства, работниците во индустрии во транзиција, младите, постарите лица, истакна Муртезани, веќе ги чувствуваат последиците од загадувањето, екстремните временски услови и деградацијата на екосистемите. Тој рече дека ова не е само еколошко прашање. Ова е, подвлече тој, прашање на еднаквост, пристап до здравје, економска стабилност и доверба во институциите. Муртезани истакна дека токму затоа, климатското дејствување е дел од европската перспектива и дел од развојната визија на Северна Македонија.

- Во изминатиот период вложивме сериозни напори да ја вградиме климатската политика во стратешките документи. Новиот Национален енергетски и климатски план го приближува нашето енергетско планирање кон европскиот модел, каде што намалувањето на емисиите, интеграцијата на обновливите извори и енергетската ефикасност се третираат како меѓусебно поврзани цели. Анализата за климатска адаптација во земјоделството е уште еден важен чекор, бидејќи го зајакнува капацитетот на сектор што е директно изложен на климатските ризици. Паралелно со тоа, институциите веќе работат на систематизирање зелени работни места и нови квалификации што ќе ја поддржат транзицијата, со што ја отвораат вратата за нови професионални можности, особено за младите, дециден беше Муртезани.

Во доменот на транспарентноста и учеството, механизмите на Архуската конвенција сè повеќе се користат од јавноста, додаде тој, а Министерството за животна средина обработило значителен број барања за пристап до информации.

- Ова покажува дека граѓаните имаат сè поголема желба да бидат дел од процесот и дека довербата во институциите расте кога информациите се достапни. Овие принципи се основа на европската политика, бидејќи без активно учество на јавноста, нема ниту одржливо спроведување на реформите, ниту праведна транзиција. Најавените измени во Законот за слободен пристап до информации, исто така, ќе придонесат кон поефикасен и поусогласен систем што ќе ја зајакне отчетноста, смета Муртезани.

Министерот посочи дека клучно е да разбереме дека климатските и еколошките прашања не се изолирани на национално ниво.

- Нашите реки, нашата природа, како и нашиот воздух, ги делиме со регионот. Затоа Зелената агенда за Западен Балкан, инструментите како IPA III и рамките на Енергетската заедница, се можност за вистинска регионална конвергенција. Нашата цел не е само да ги исполниме европските барања, туку и да учествуваме во создавање регионален стандард што ќе придонесе за стабилност, економска конкурентност и подобро здравје за граѓаните. Овој пристап е суштината на европската идеја за солидарност и заеднички напор, бидејќи климатските ризици не ги признаваат државните граници, појасни Муртезани.

Тој рече дека оваа тркалезна маса, како продолжение на анализите и работните групи организирани во пресрет на денешниот настан, овозможува да се сумираат националните приоритети на начин што ќе помогне при изработката на Акцискиот план за еколошка правда.

- Процесот што го водат експертите, институциите и граѓанските организации е важен, бидејќи го гради мостот меѓу европските стандарди и реалните потреби на нашите заедници. Овие приоритети треба да ја насочат земјата кон поефикасна превенција, подобро спроведување на политиките и поголема климатска отпорност, додаде Муртезани.

Затоа, како што посочи, денес не се разговара само за исполнување стандарди, туку за создавање визија што ќе ја насочи Северна Македонија кон современа, здрава и правична климатска иднина.

- Верувам дека со отворена дискусија, со партнерство и со јасна амбиција, можеме да бидеме држава што не само што се приближува кон ЕУ, туку активно придонесува кон европското климатско и еколошко лидерство во нашиот регион, дециден беше Муртезани.

Републичкиот јавен обвинител на Јавното обвинителство на Северна Македонија, Љупчо Коцевски рече дека еколошкиот криминал и кај нас веќе е класифициран како сериозен и сложен криминал.

- Тој честопати добива и форма на организиран криминал, а штетите од него се огромни - и во здравствена и во економска смисла. Кривичното право во нашата земја на хартија во голема мера е усогласено и ги опфаќа современите предизвици за заштита и санкционирање на загрозувањата на животната средина. Од неодамна е воведено и кривично дело - екоцид, а санкциите за ваквите дела се значително зголемени. Меѓутоа, во пракса, примената и натаму останува предизвик и тука би се осврнал пред сѐ на фазата на обезбедување докази. Недоволните капацитети на инспекциските и другите истражни органи за откривање на овој вид кривични дела, како и скапите и долготрајни вештачења, го обременуваат докажувањето на делата од еколошкиот криминал. Особено ако се имаат предвид, недоволните ресурси што му се доделуваат на обвинителството за оваа намена, смета Коцевски.

На климатските услови и заштитата на животната средина, подвлече Коцевски, мора да гледаме како на заедничко добро, што сме обврзани да го штитиме.

- И тоа не само затоа што на тоа нѐ обврзуваат критериумите за членство во Европската Унија, што имаме задача да ги исполниме. Туку, затоа што од напредокот во оваа област, зависи и нашиот вкупен економски и социјален напредок, додаде Коцевски.

Во државата имаме процесуирање на предмети што се однесуваат на еколошката правда, останува да се види како тие ќе завршат и останува да се види понатаму дали ќе имаме повеќе процесуирање во однос на повредите, рече денеска во изјава за МИА, Џемали Саити, судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија, пред почетокот на Национална тркалезна маса за конвергенција на климатска и еколошка правда. 

Тој подвлече дека овој настан е од особена важност и од него очекуваат да се конципираат идни активности, се подготвува акционен план за дејствување во однос на животната средина. 

Претходно, организаторите информираа дека Националната тркалезна маса за климатска и еколошка правда, предвидено е да ги обедини на едно место - правосудните институции, експертите од областа на животната средина, граѓанските организации и меѓународните партнери во насока на унапредување на Националниот акциски план за еколошка правда.

- Клучни национални институции, претставници на правосудството, експерти за животна средина, граѓански организации и меѓународни партнери ќе земат учество на Националната тркалезна маса за конвергенција во областа на климатската и еколошката правда што ќе се одржи во Клубот на пратеници во Скопје. Настанот ќе се фокусира на суштинското прашање: Како правосудниот систем може поефикасно да одговори на растечките предизвици што ги носат климатските промени и деградацијата на животната средина?, потенцираа тогаш организаторите на настанот преку соопштение.

Тркалезната маса се организира во соработка со Министерството за правда и Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамките на регионалната иницијатива КЕП Конвергенција што ја спроведува Експертиз Франс со поддршка на Француската агенција за развој (AFD). бд/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан