Во Скопје Меѓународна конференција како патоказ за Западен Балкан, Молдавија и Украина на патот за пристапување во ЕУ
- Меѓународна конференција на тема „Пошироко европско општество: Важноста на локалното владеење“ во организација на Европската асоцијација за локална демократија - АЛДА денеска и утре ќе се одржи во Скопје во просториите на Министерството за надворешни работи.
Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) – Меѓународна конференција на тема „Пошироко европско општество: Важноста на локалното владеење“ во организација на Европската асоцијација за локална демократија - АЛДА денеска и утре ќе се одржи во Скопје во просториите на Министерството за надворешни работи.
На конференцијата владините претставници, претставниците на локалните власти и граѓанските организации од различни земји ќе имаат можност да разговараат и да ги споделат своите ставови за процесот на проширување на европската заедница на Западен Балкан, Молдавија и Украина, како и за важноста на локалната власт при овој пристапен процес.
Говорниците ќе се обидат да го подобрат разбирањето за стратешкиот пристап кон реформите, креирањето на акциски планови, методологијата на планирање, спроведување и следење. Ќе се нагласи важноста на учеството на граѓаните во процесот, со примери на локални и регионални иницијативи и добри практики од пошироката европска заедница.
Меѓународната конференција е финансиски поддржана од Централноевропската иницијатива, Советот на Европа и неговиот Центар за експертиза за реформи во локалната самоуправа. вј/аа/
Фото: Принтскрин