Во САД отворени гласачките места на источниот брег (ДПЛ)
Њујорк, 5 ноември 2024 (МИА) - Во САД денеска беа отворени гласачките места за претседателските избори, каде граѓаните го избираат шефот на државата меѓу поранешниот републикански претседател Доналд Трамп и кандидатката на владејачките демократи Камала Харис. Избирачките места се отворени во повеќе од 20 сојузни држави во источниот дел на САД, од вкупно 50 каде што ќе се отвораат постепено поради временската разлика.
Резултатите од најновите истражувања на јавното мислење покажуваат дека кандидатите се речиси рамномерно усогласени, додека водечките светски обложувачници блага предност му даваат на Трамп, американскиот претседател од 2017 до 2021 година.
На денот на изборите во длабоко поделената земја, за што придонесе поларизирачката реторика на Трамп, има многу отворени прашања - колку граѓани ќе излезат на гласање, кога ќе се знае победникот на изборите, дали некоја од партиите ќе го оспори резултати, ќе има ли постизборно политичко насилство и безредие.
Денеска гласачите директно не ги избираат Харис (60) или Трамп (78), туку избираат електори, демократи или републиканци, кои формално го избираат претседателот во декември (изборен колеџ). Тој чин е формалност, бидејќи електорите во декември речиси без исклучок гласаат за кандидатот што го претставуваа на изборите - оваа година за Харис или Трамп. Затоа, победникот на изборите се знае веднаш штом се пребројат гласовите.
На претседателските избори во САД не мора да победува кандидатот со најмногу гласови во целата земја, туку оној кој освоил најмалку 270 од 538 електори.
Секоја од 50-те сојузни држави избира онолку електори колку што има членови во американскиот Конгрес, додека округот Колумбија (главниот град Вашингтон) обезбедува тројца членови на Изборниот колеџ. Кандидатот кој ќе победи на една држава ги освојува сите нејзини електори, освен за Мејн и Небраска.
Победникот е веќе познат во 43 држави и во округот Колумбија. Државите во кои победата на Камала Харис е сигурна носат вкупно 226 електори, а оние каде што триумфот на Трамп е несомнен 219.
Во преостанатите седум „колебливи држави“ исходот е повеќе или помалку неизвесен.
Тоа се Пенсилванија (19 избирачи), Мичиген (15), Висконсин (10), Невада (6), Џорџија (16), Северна Каролина (16) и Аризона (11). Тие седум сојузни држави ќе бидат во фокусот на изборната ноќ, а можеби и во деновите по изборите.
Според последните анкети и коефициенти на водечките обложувалници, Трамп е фаворит во Аризона, Џорџија и Северна Каролина. Трамп има мала предност во Невада, а Камала Харис во Мичиген и Висконсин, додека во Пенсилванија се целосно изедначени.
Ако победи во Аризона, Џорџија и Северна Каролина, Трамп треба да освои само една од трите клучни држави на Средниот Запад (Пенсилванија, Мичиген, Висконсин) за да се врати во Белата куќа.
За да стане претседател, Харис мора да ги освои и Пенсилванија и Мичиген и Висконсин, ако не направи изненадување во една од преостанатите држави.
Трамп, кој во мај стана првиот поранешен претседател на САД осуден за кривично дело, агресивно изнесува неосновани тврдења во последните денови кои го доведуваат во прашање интегритетот на изборниот процес, јавија американски медиуми.
На изборите однапред гласаа повеќе од 80 милиони Американци. Според федералниот закон, броењето на таквите гласови не започнува до денот на изборите.
Бидејќи секоја држава има свои правила и практики за броење на гласачките ливчиња, не е познато колку време ќе биде потребно за да се објави победникот на изборите. Постои голема веројатност тоа да не се случи во изборната ноќ, а за тоа можат да придонесат и споровите околу резултатите во одредени сојузни држави. На претходните избори, во 2020 година, исходот беше познат четири дена по затворањето на гласачките места, а во 2016 година во изборната ноќ.
Доколку се врати во Белата куќа, до крајот на мандатот во 2029 година, Трамп би станал најстариот претседател во американската историја и само втор со два непоследователни мандати, по Грувер Кливленд (1885-1889 и 1893-1897).
Камала Харис, која стана кандидат на Демократската партија по повлекувањето на 81-годишниот Бајден, е родена на 20 октомври 1964 година во Оукленд, Калифорнија, како ќерка на Индијка и маж од Јамајка. Таа живее со нејзиниот сопруг, адвокатот Даг Емхоф и неговите две деца од претходниот брак.
Во 2004 година, таа стана првата жена окружен обвинител во Сан Франциско, а во 2011 година, првата Афроамериканка која служеше како јавен обвинител на Калифорнија. Таа е првата жена, првата Афроамериканка и првата личност со азиско потекло што ја извршува функцијата потпретседател на САД, втора по важност во земјата.
Трамп, роден на 14 јуни 1946 година во Њујорк, пред да влезе во политиката беше успешен бизнисмен чија кариера беше обележана со бизнисот со недвижнини. Има пет деца од три брака. Со сегашната сопруга, словенечката манекенка Меланија Кнавс го има синот Барон, роден во 2006 година.
По завршувањето на студиите по финансии и трговија, се вработил во фирмата на татко му која градела станови, а на нејзино чело станал во 1974 година. Компанијата под негово раководство изгради луксузни хотели, Трамп Тауер, казина, а тој поседуваше и авиокомпанија и професионален фудбалски тим. Според листата на Форбс на најбогати луѓе во светот за 2024 година, Трамп е на 319 место со имот проценет на 4,3 милијарди долари.
Во мај оваа година, Трамп беше прогласен за виновен за фалсификување деловни документи во врска со исплата на 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година за да ја спречи јавно да зборува за нивната наводна афера. Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани. Изрекувањето на пресудата е закажано за 26 ноември.
Против Трамп се водат уште три кривични дела - за незаконско постапување со доверливи документи, за обид да се свртат резултатите од изборите во 2020 година во негова корист и за обид да се влијае на резултатите од изборите во државата Џорџија. Ниту едно судење не е започнато во ниту еден од тие процеси.зш/