• петок, 22 ноември 2024

Во руски воздушен напад погодена зграда во Харков; пет лица загинаа, а 47 се повредени

Во руски воздушен напад погодена зграда во Харков; пет лица загинаа, а 47 се повредени

Киев, 30 август 2024 (МИА) - Во руски воздушен напад погодена е станбена зграда и детско игралиште во североисточниот украински град Харков, при што загинале пет лица, а најмалку 47 се повредени, соопштија локалните власти.

Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, објави на Телеграм дека едно дете загинало на игралиштето. Три лица го загубиле животот во 12-катната зграда, каде што избил пожар како резултат на ударот. Властите не соопштија под какви околности загинала петтата жртва од нападите кои се случиле во четири делови од градот.

Околу 20 од повредените се во критична состојба, изјави гувернерот на областа, Олег Синегубов.

Едниот крај на зградата беше обвиткан со густ црн чад, а повеќето од горните катови се зафатени од пламен. Неколку паркирани автомобили пред зградата исто така се запалени.

Спасувачките екипи и волонтери пристигнаа на местото на настанот за да помогнат во евакуацијата на преживеаните од зградата.

Харков е цел на масовни руски бомбардирања од почетокот на војната, иако последниве недели интензитетот на нападите малку се намали, посебно по неочекуваното навлегување на украинските сили во пограничната руска област Курск.

Украинските власти соопштија дека при денешните напади биле користени пет управувани авиобомби, лансирани од руската Белгородска област. Овие боеви глави се познати и како „планирани бомби“ бидејќи се опремени со навигациски систем кој ги води до целта.

Русија негира дека намерно напаѓа цивилни цели. Илјадници луѓе загинаа и беа повредени од почетокот на инвазијата на Москва во Украина во 2022 година.

Непосредно по нападот во Харков, претседателот Володимир Зеленски упати нови повици до западните сојузници да му дозволат на Киев да користи западни оружја со долг дострел за напади врз базите на руските воздушни сили.

„Ударот немаше да се случи доколку нашите сили за одбрана можеа да ги користат тие капацитети за уништување на руските воени авиони таму каде што се базирани“, изјави украинскиот лидер на Телеграм. „Нема разумна причина да се ограничува украинската одбрана“, додаде тој.

Според Киев, најефикасниот начин да се спротивстави на овие удари е да се напаѓаат руските авиони, а не самите бомби. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан