• петок, 22 ноември 2024

Во Прилеп 13-годишниот Марко Ристески најсреќен на Водици 

Во Прилеп 13-годишниот Марко Ристески најсреќен на Водици 
Прилеп, 19 јануари 2022 (МИА) - Тринаесет годишниот Марко Ристески е среќникот кој го фати Светиот крст на Богојавление Водици од базенот во дворот на прилепската црква „Свето Благовештение“. Дванаесет деца учествуваа на традиционалното положување и фаќање на крстот во дворот на Црквата. Среќниот Марко Ристески рече дека неизмерно е радосен и очекува него и семејството да ги следи среќата оваа година. -Многу сум возбуден. Првпат учествувам, и ете, среќен сум што го фатив крстот. Чувството е посебно. Посакувам здравје, среќа во оваа година. Се надевам дека јас и моето семејство ќе го имаме сето тоа, а и на училиште ќе ми биде добро, рече Ристески. Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески на сите прилепчани им посака здравје и среќа, посебно на малиот Марко, а општината го дарува со златен крст. -За многугодини да е празникот. На сите сограѓани им посакувам здравје и среќа, посебно на Марко Ристески кој годинава беше среќникот. Се надевам дека догодина ќе имаме можност помасовно, побезбедно да го прославиме Богојавление Водици, рече Јовчески. Традицијата за Водици, сепак, привлече голем број прилепчани да се најдат на утринската литургија и пред црквата „Свето Благовештение“ и да земат од осветената вода за здравје. ем/цр

Остани поврзан