• недела, 30 јуни 2024

Во Прилепскиот театар премиера на „Бура“ од Шекспир и прва соработка со американски режисер

Во Прилепскиот театар премиера на „Бура“ од Шекспир и прва соработка со американски режисер

Прилеп, 5 јуни 2024 (МИА) - Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вечер, од 20 часот, на матичната сцена ќе ја изведе претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Ова е прва соработка на театарот со американскиот режисер Блондел од Калифорнија.

Режисерот Блондел шест недели е присутен и работеше со ансамблот на шекспировиот текст кој се смета за последно дело на славниот драмски автор, а кое ја содржи целата богата сложеност на животот.

 

-Ако имаме среќа да преживееме доволно долго, преживуваме бури: се вљубуваме, изневеруваме или сме изневерени, вршиме или трпиме насилство, вербано, физичко, емоционално, претрпуваме загуба, се прашуваме што нѐ чека. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Соработката со екипата е прекрасна. Јас работам на свој начин: знам што мислам, сакам да слушнам што мислат актерите за процесот на создавањето на претставата, изјави на прес-конференција режисерот Џон Блондел.

За драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска соработката со режисерот била како ниедна досега.

-Ова беше првпат на поинаков начин да работиме со режисерот. Се чувствуваш како целосно дел од екипата. Невообичаен, делотворен пристап, рече Митоска Ѓорѓиевска.

Во претставата играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Ана Митоска.

Сценографијата, костимите, светлото и плакатот се на Благој Мицевски, музиката на Томе Темелкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска. ем/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан