• понеделник, 23 декември 2024

Во Охрид состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите, регионот пред нов предизвик со болеста ППР

Во Охрид состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите, регионот пред нов предизвик со болеста ППР

Охрид, 19 септември 2024 (МИА) – Активностите за заштита од болестите кај животните како што е африканската чума кај свињите и неодамна појавената маларична чума кај малите преживари во регионот, како и превентивните мерки за спречување на ширењето на болестите преку примена на препораките и позитивните искуства на одредени држави во справувањето со предизвиците, се главни теми на дискусија на дводневниот состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите што се одржува во Охрид.

На работната средба во прусуство на претставници на ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија,Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија, како и на Европската Комисија, Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации и на Светската организација за здравствена заштита на животните, на експертско ниво се разговара за актуелната состојба со прекуграничните болести кај животните, се креираат насоки за справување со предизвиците и се детерминираат механизмите за сузбивање на заболувањата и мерките за спречување на ширењето на заразата.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, истакна дека ситуацијата со заразните болести кај животните во земјата моментално е стабилна, но оти мора да се следи ситуацијата постојано и активно да се работи на спречување на појава на нови жаришта.

- Покрај за болеста африканска чума кај свињите, тука разговараме и за појавата на болеста чума кај малите преживари (ППР) што веќе за жал е присутна во Романија и во соседна Грција. Тоа е нов предизвик за регионот. Секако нејзина појава кај нас ќе се одрази негативно врз стопанството. Таа не е опасна за луѓето, но вакцинацијата  на животните носи големи последици како рестрикции на извозот на животни и производи, најмалку две години од вакцинирањето, што значи губење на статусот земја слободна од болеста и ограничување на извозот, рече Миланов.

Тони Киранџиски, тим-лидерот на Регионалниот проект за контрола на заразни болести кај животните во Западен  Балкан, по однос болеста ППР кај козите и овците истакна дека преку проектот финансиран од ЕУ се помага на државите од регионот за превенција, надзор и контрола на болестите од А-категорија што брзо се шират.

- За справување со болестите пред се за африканската чума кај свињите, исклучително е важна прекугранината соработка, оттаму што истата  се шири најмногу преку дивите животни...За разлика од неа, ППР се шири со директен транспорт на жива стока, што значи граничната контрола е најважен фактор. Сите земји во ЕУ каде ја има болеста предвидуваат строги мерки за контрола и забрана за движење на животните од регионите каде ја има болеста, рече Киранџиски.

Тој истакна дека главниот начин за контрола на двете зарази е преку имплементација на строги мерки, кои вклучуваат уништување на сите животни од заразените стада.

- Она што ни преостанува во овој момент е да бидеме подготвени болеста да се појави и кај нас, за да можеме брзо да реагираме и на тој начин да биде исконтролирана евентуалната ситуација, рече Киранџиски. 

Професорот Игор Џаџоски од Ветеринарниот факултет во Скопје, по однос африканската чума кај свињите рече дека кај нас од појавата на првиот случај во 2022 година болеста добро е исконтролирана, со достигнато  високо ниво на биосигурносни мерки на поголемите фарми каде се спроведува индустриско производство.

- Но, болеста е присутна кај дивите свињи и тоа е голем проблем што тешко се решава, особено што дивите животни не познаваат граници и слободно мигрираат. Зголемата популација на дивите свињи и големата отпорност на вирусот е предизвикот со кој се соочуваме и ние и регионот. Што се однесува на чумата кај малите преживари,  кај нас засега болеста ја нема, но ситуацијата будно се следи. Преземени се доста активности, од подигнување на свеста и запознавање на фармерите и ветеринарите за потребата од навремено пријавување на сите сомнителни случаи. Доколку истата навреме се детектира, таа болест полесно може да се исконтролира споредбено со африканската чума, рече тој.  

Будимир Плавшиќ, директорот на Регионалната канцеларија за Европа на Светската организација за здравствена заштита на животните, рече дека предизвикот наметнат со појавата и ширењето на африканската чума кај свињите е навистина голем, националните агенции за заразни болести фокусот да го стават врз ветеринарна контрола, превенција и биосигурност на фармите. Како клучна мерка тој ја посочи потребата од контрола на дивите животни, за што е неопходен координиран пристап со сите субјекти надлежни за контрола на дивечот, како во ловиштата така и надвор од нив.

- Реалноста е таква што болеста е тука, таа се шири полека и континуирано, така што треба да сме свесни дека во отуство на вакцина вирусот не може да се искорени на друг начин осем преку депопулација и преку контрола на дивите животни. Агенциите во сите држави во регионот работат посветено и интензивно на проблематиката и реагираат координирано, фокусирано и кај популацијата на домашните и кај дивите свињи, истакна тој.

Во Македонија состојбата со питомата популација свињи е стабилна, кога се работи за африканската свинска чума, Последниот евидентиран случај годинава е забележан минатиот месец во пехчевското село Панчарево. Годинава се евидентирани три жаришта на болеста, каде на сила се заштитни мерки. Минатата година беа регистрирани 17 случаи.

Кај дивата популација свињи евидентирано е зголемување на бројот позитивни случаи. Само во првото полугодие на оваа година потврдени се 234 случаи на болеста во 72 ловишта. аб/цр

Фото: МИА

Остани поврзан