Во општина Старо Нагоричане ќе се санираат и градат три патни правци и детско игралиште
- Општина Старо Нагоричане обезбеди средства за реконструкција и изградба на три патни правци и за изградба на детско игралиште, соопштија денеска надлежните. Во општината ќе се реконструираат патиштата помеѓу Коинце и Челопек, ќе се гради патот од Сув Ора до Карпино и од село Драгоманце до Стрновац.
Куманово, 7 август 2023 (МИА) - Општина Старо Нагоричане обезбеди средства за реконструкција и изградба на три патни правци и за изградба на детско игралиште, соопштија денеска надлежните. Во општината ќе се реконструираат патиштата помеѓу Коинце и Челопек, ќе се гради патот од Сув Ора до Карпино и од село Драгоманце до Стрновац.
Наредната недела, соопштија надлежните од општина Старо Нагоричане, ќе почне асфалтирањето на патот, избран е изведувач и надзор.
-Патот е во доста лоша состојба, иако неколку пати е реконструиран, сега ќе се асфалтира. Патот е во должина од 1, 3 километри и чини 4, 8 милиони денари, средства обезбедени преку североисточниот плански регион, изјави заменик-градоначалник на општината, Бобан Цветановски.
Патот од Сув Ора до Карпино во моментов е во исклучително лоша состојба. Последните пролетни дождови речиси го уништија патот кој води до стариот манастир, а и самиот предел е прилично карпест. Избрана е фирма изведувач, се чека да заврши тендерска постапка за избор на надзор.
- Обезбедени се 3, 5 милиони денари средства од Бирото за регионален развој. Ќе се пробива патната инфраструктура и ќе се тампонира, изјави Цветановски.
Еден милион денари се обезбедени за тампонирање и поврзување на селата Драгоманце-Стрновац, со што ќе се поврзат обработливите земјоделски површини, ниви. Средствата се обезбедени од агенција за финансиска поддршка на земјоделието. Наскоро, како што најави Цветановски, ќе почне изградбата на детско игралиште во маало Брадиновци во село Младо Нагоричане за што се одвоени милион денари од Бирото за рамномерен развој. И за овој тендер се чека на избор на надзор. ам/цр
Фото: ФБ Општина Старо Нагоричане