• сабота, 05 октомври 2024

Во новата година бесплатен оброк за учениците во Пробиштип

Во новата година бесплатен оброк за учениците во Пробиштип

Пробиштип, 29 декември 2023 (МИА) - Децата чии семејства имаат приходи до 60.000 денари ќе одат бесплатно во пробиштипските градинки. Мерката важи и за децата на самохраните родители, а е дел од Програмата за детска и социјална заштита во рамки на Буџетот за 2024 година, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.

Тој додаде дека е предвиден  и бесплатен оброк за учениците во второто полугодие, онаму каде што има услови, ќе се дели во трапезариите, а каде не, учениците храната ќе ја добиваат во училниците. Програмата важи за децата и учениците од Пробиштип и Злетово.

-Од 1 јануари 2024 година градинката ќе ја плаќа Општина Пробиштип за деца, корисници од семејства коишто имаат приходи до 60.000 денари. За самохраните родители, градинката исто така ќе ја плаќа Општината. Во делот на образованието, секое дете со Законот за детска заштита од завршување на зимскиот распуст т.е. од 1 февруари ќе добива бесплатен оброк. Бројката којашто ја опфаќа ваквата мерка е 500 деца на територија на општина Пробиштип и Злетово, рече Анастасов.

Вкупниот буџет за детската и социјална програма надминува 14 милиони денари, но посочува дека не е скратено од ниту една друга програма за да се додаде овде. Анастасов вели  дека буџетот е зголемен и во делот на капиталните инвестиции, за улици и патишта.

-Ние во сите Програми, во која било сфера, ако направиме компрација, го зголемуваме буџетот. Како што е зголемена детската и социјалната заштита, зголемена и програмата во делот на улици, патишта, така што од никаде не кратиме, сме работеле чесно, одговорно, економично и на база на штедење за да имаме што е можно поголем дел од средствата да се трансферираат кај граѓаните, рече  Анастасов.

По повод празникот на градот – 28 август, предвидено е и сите лица со попречености да добијат ваучер од по 20.000 денари. Ова е уште една мерка опфатена со буџетот, а кој е вкупно 427 милиони денари, финансиски средства со кој градот треба да се развива во текот на следната година. вдј/цр

Фото: МИА 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан