• понеделник, 23 декември 2024

Во НБ презентирана е анализата од спроведената анкета за заштитата на потрошувачите

Во НБ презентирана е анализата од спроведената анкета за заштитата на потрошувачите
Скопје, 23 септември 2022   Развивањето соодветен систем за заштита на потрошувачите во доменот на банкарскиот систем е еден од стратегиските приоритети во работењето на Народната банка, којашто ги засили напорите за обезбедување поголем степен на заштита на корисниците на услугите коишто ги нуди банкарскиот систем. За таа цел, во Народната банка, пред претставници од банките, штедилниците и Организацијата на потрошувачи, се одржа презентацијата на анализата од спроведената анкета за заштитата на потрошувачите со која беа опфатени аспекти поврзани со одговорното кредитирање, надоместоците за банкарските услуги, ракувањето со поплаките кај банките и штедилниците и сл. Обраќајќи се пред присутните, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска го истакна поставувањето ефикасен систем за заштитата на потрошувачите како еден од основните чекори за зголемување на финансиската инклузија. Системот за заштита на потрошувачите треба да овозможи потранспарентно работење на приватниот финансиски сектор, подобра информираност на клиентите за банкарските производи и услуги независно од нивната сè поголема сложеност и софистицираност, соодветни механизми за ракување со поплаките добиени од клиентите и нивно решавање, заштита на населението од неправедни практики и познавање на можните ризици кај финансиските услуги, особено оние што се поврзани со презадолженост. Под водство на Народната банка беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост којашто опфаќа повеќе аспекти од заштитата на потрошувачите, а воспоставена е и посебна организациска единица во рамките на Народната банка. „Народната банка во моментов работи на зајакнување на регулативната рамка, вклучително и преку изработка на циркулар за банките и штедилниците, а наскоро ќе започне и со посебни теренски контроли во овој сегмент со што би се зголемило нивото на заштита на корисниците на услугите“, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето обраќање. Таа истакна и дека „повеќе од кога било е неопходно претпазливо и одговорно кредитирање од страна на банките, советување на клиентите, како и издржано одредување на цените и надоместоците на банкарските производи и услуги, имајќи го предвид целокупниот макроекономски амбиент. Само ваквиот однос може да придонесе и за заштита на потрошувачите, но и за одржување на квалитетот на активата и репутацијата на банкарскиот систем.“ Наодите од анализата посочуваат дека вкупниот број на поплаките во банкарскиот систем во 2021 година е намален и сведен под нивото во 2018 година, а одговорите на поплаките банките ги доставуваат до клиентите вообичаено во рок од 15 дена, што е споредливо  со практиката во други земји. Сепак, пристапот кон заштитата на потрошувачите е различен во обем и квалитет и зависи од воведените поединечни политики на банките. Анализата на структурата на поплаките за одделни банкарски производи и услуги покажува дека во 2021 година преовладуваат поплаките за дебитните и кредитните картички, со учество од 36,6%, иако тука се забележува и тренд на намалување во однос на 2018 година за 5,5 процентни поени. Според структурата, поднесените поплаки за потрошувачките кредити се 10% од вкупниот број на поплаки, за однесувањето на вработените се 9,3% од поплаките, додека за трансакциските сметки и за електронското и мобилното банкарство се 8,5% и 8,2%, соодветно, од вкупните поплаки. Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонија, ги претстави резултатите од анализата на зелените кредитни линии коишто банките им ги нудат на потрошувачите. Таа се осврна на потребата од поголема поддршка на потрошувачите со зелени кредитни линии од страна на поголем број банки, со што и банките ќе придонесат за исполнувањето на зелената агенда. „Ова е потребно затоа што потрошувачите сè повеќе се заинтересирани за купување енергетски ефикасни производи коишто им заштедуваат пари и воедно им овозможуваат поголема удобност и квалитет на живеење“, истакна таа нагласувајќи ја и важноста на соработката со Народната банка којашто придонесува за поголема заштита на потрошувачите. Народна банка на Република Северна Македонија ___________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан