Во македонскиот КИЦ во Белград отворена изложба ДЛУМ - Експериментален цртеж
- Во македонскиот Културно-информативен центар вечерва беше отворена изложба на 42 македонски уметници со наслов „Експериментален цртеж“ работена на тема „Невидливи траги“, на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Белград, 18 јуни 2026 (МИА) - Во македонскиот Културно-информативен центар вечерва беше отворена изложба на 42 македонски уметници со наслов „Експериментален цртеж“ работена на тема „Невидливи траги“, на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
- Не е случаен Белград како избор за поставување на изложбата. Многу силни се врските на македонската и српската ликовна сцена. Многу ми е мило што јубилејот го 80 години го прославуваат и во Белград, рече директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров.
Претседателката на ДЛУМ, Јана Манева Чупоска нагласи дека ДЛУМ оваа година е посветена на јубилејот - 80 години постоење.
- Наша мисија е оваа година - 80 години јубилеј - силно да проговориме преку ликовниот јазик преку уметноста, нешто што подразбира обединување. И на ликовен јазик што е карактеристичен за секој автор поединечно. Изложбата Експериментален цртеж се појавува како поле на неизвесност, како територија во која линијата повеќе не е само средство на претставување, туку настан, трага и мисловен импулс. Цртежот се одвива меѓу материјалното и нематеријалното, помеѓу видливото и и она што останува на рабовите на перцепцијата, нагласува таа.
Маја Рауник Кирков, која е претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ нагласи дека изложбата е резултат на традиционалниот годишен повик на ДЛУМ со кој се поттикнува размислувањето за процесите и современа визуелна мисла што се пренесува преку овој најстар медиум за ликовно изразување.
- Оваа изложба го става во преден план експерименталното цртање како поле на истражување каде површината и намерата се преиспитуваат и одново дефинираат во секое индивидуално артистичко размилување...Тука цртежот излегува од традиционалната дводимензионалност и навлегува во сферата на релјефот, но и со користење на нови нетрадиционални медиуми, наведува таа.
Изложбата „Експериментален цртеж“ традиционално се одржува секоја година на повик на ДЛУМ, а за учество на неа, од пред две години заинтересираните автори ги доставуваат генералиите за своите дела како и фотографија во искреираната он-лајн апликација, по што следува жирирањето од страна на Уметничкиот совет.
Гостувањето на изложбата „Експериментален цртеж“ во Белград е поддржано од Министерството за култура и туризам како и од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија.
На неа, како и во Скопје се изложени дела на: Јана Манева - Чупоска, Ицко Петрески, Ивона Велковска, Ацо Таневски, Гоце Божурски, Слободан Милошески, Златко Глигоров, Ангел Димовски Чауш, Душан Георгиевски, Марина Коцарева Ранисављев, Марија Мицова Гацова, Елена Гелева, Зулејха Зубери Али, Христина Хаџиева, Ненад Тонкин, Стефан Јакимовски - Стеф, Константин Качев, Елена Николоска Цветковиќ, Ристо Мијаковски, Иво Пецов, Стефан Анчевски, Наташа Андонова, Дијана Томиќ Радевска, Јана Јакимовска, Мирјана Крстева Массетти, Ирена Паскали, Стефан Хаџи Николов, Марина Цветановска Мартиновска, Дејан Иванов Маргуш, Љупка Галазка Василев, Нина Богуновиќ, Ана Ивановска, Татјана Ристовска Керакамика, Тања Балаќ, Маја Рауник Кирков, Марија Чепишева, Стефан Младеновски, Валентина Илијевска, Јовица Мијалковиќ, Златко Хаџи Пецов, Перо Кованцалиев и Слободан Живковски. зш/вј/



