Во Куманово вечерва почнува 27-тиот меѓународен фестивал „Денови на комедија 2024“
- Вечерва почнува 27-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2024“. Вечерва на репертоарот е велешкиот театар, а кумановци ќе имаат можност да видат единаесет претстави од театри од земјава и соседните држави.
Куманово, 24 септември 2024 (МИА) - Вечерва почнува 27-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2024“. Вечерва на репертоарот е велешкиот театар, а кумановци ќе имаат можност да видат единаесет претстави од театри од земјава и соседните држави.
- Куманово како и секоја година и оваа ќе живее заедно со Фестивалот, и годинава како и секоја очекуваме овој фестивал да го задржи приматот на најпосетен театарски Фестивал во Македонија. Публиката е таа за која го правиме и која го одржува сите овие изминати 27 години. Фестивалската вечер ќе биде отворена во вторник 24 септември со доделување на наградата Васил Иљоски на овогодишниов лауреат, актерот Сашко Коцев која се доделува за особен придонес во театарската дејност особено во делот на комедијата за што претходно едногласно одлучија членовите на советот на фестивалот, изјави директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.
Велешкиот театар настапува со „Вечера за глупаци“, утре е претставата „Секс, лаги и љубомора“ на народен театар Охрид. Кумановци ќе ги видат и комедиите „Фустан за бегство“ на драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија, „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ од тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од Драмско куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“-Народен театар од Ниш. На 8 октомври ќе биде изведена премиерата на „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово во режија на Срѓан Јаниќиевиќ кој традиционално ја затвора фестивалската програма со нова претстава на репертоарот.
- На последната вечер од Фестивалот, на 9 октомври ќе се доделат и наградите за: најдобра актерка и актер, најдобра споредна улога (машка и женска), најдобра режија, сценографија, костимографија и најдобра претстава, додава Тодоровски.
Освен, официјалната програма на фестивалот како новина е планирана и изведба на студентски претстави. Гледачите ќе имаат можност да проследат две претстави на 30 септември и на 7 октомври.
- Годинава ги поканивме и Факултетот за драмски уметности од Скопје и Факултетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА, студентите да бидат дел од пропратната програма на овој фестивал, вели Тодоровски.
Заврши и пријавувањето на волонтерите кои помагаат во организација и одржување на „Деновите на комедија“ и годинава ангажирани се десетина млади лица кои одблиску ќе можат да видат како течат подготовките и одржувањето на фестивалот. ам/сст/
Фото: МИА и НУЦК „Трајко Прокопиев“