Во Куманово акција за бесплатно мерење шеќер во крв и притисок по повод Светскиот ден на здравјето
- Здружението на лица со дијабетес Куманово во соработка со средното училиште „Наце Буѓони“ денеска во паркот Соколана организираа акција за бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвен притисок, по повод 7 април, светскиот ден на здравјето.

Куманово, 7 април 2025 (МИА) - Здружението на лица со дијабетес Куманово во соработка со средното училиште „Наце Буѓони“ денеска во паркот Соколана организираа акција за бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвен притисок, по повод 7 април, светскиот ден на здравјето.
Голем број кумановци ја искористија можноста, професорите и учениците од медицинската струка на училиштето, бесплатно им измерија шеќер во крвта и крвен притисок.
- Дијабетесот е во пораст особено после корона вирусот. Како здружени преку нашите активности, со вакви акции, но и со трибини се обидуваме да ја подигнеме свеста за опасноста којашто ја носи дијабетесот, изјави претседателот на здружението, Зоран Бојковски.
Тој посочува дека голема е бројката на луѓе со дијабет, на секој дијагностициран има најмалку еден недијагностициран. Според податоците на здружението има околу 10.000 дијабетичари на подрачјето на Куманово, Липково и Старо Нагоричане од кои 4.000 се на инсулин.
- Се трудиме да ги едуцираме, да се превенира болеста, да се зема редовно терапија и да се смени начинот на живеење, вели Бојковски.
Професорката по стручни предмети, Магдалена Трајановиќ рече дека секоја година организираат акции за мерење на притисок и шеќер во крвта, со цел да ја подигнат свеста кај населението за ризикот од висок крвен притисок и дијабет.
Здружението на дијабетичари од Куманово очекуваат многу скоро да се надмине проблемот со недостиг на терапија за нивните членови, откако Министерството за здравство најавија дека набавката на инсулин е во тек и постапката ќе заврши брзо. Утре, во Комитет со почеток во 18. 30 часот, здружението на дијабетичари ќе организира и предавање на тема „Превенција дијабетична ретинопатија и ДМЕ“ од д-р Елизабета Спасиќ, специјалист офталмолог. ам/цр
Фото: МИА