• недела, 22 декември 2024

Во Крушево се одржа манифестацијата „Дева“

Во Крушево се одржа манифестацијата „Дева“

Крушево, 5 јануари 2024 (МИА) - На плоштадот „Никола Мартиноски“ во центарот на Крушево се одржа манифестацијата „Дева“ која на уникатен, единствен начин, го навести Христовото раѓање. Обичаите за „Дева“ ги има само во Витлеем и во Крушево.

Традициите за „Дева“ се од памтивек, а организирано, за да се зачуваат уникатните обичаи, манифестацијата се одржува по 11 пат. Организатори се од крушевската гимназија „Наум Наумоски-Борче“. На платото младите пееја ангелски песни, ја носеа Давидовата ѕвезда, симболично беа претставени јаслите и двете јагниња, а според обичајот младите момчиња пеејќи ја песната „Дево, деване“ им тропнаа на врата на крушевчани каде беа дарувани.

-„Дева“ значи Негово раѓање, раѓање на нашиот Господ Бог, но и раѓање на првото бебе во Крушево по 5 јануари, по 17 часот, откако се навести Христовото раѓање. „Дева“ е многу специфичен обичај, зашто единствено го има во Витлеем и во Крушево. Од памтивека, машките дечиња со ѕвездата, која ја симбиолизира Витлеемска ѕвезда која трите мудреци ги однесе до пештерата во Витлеем, каде што се роди Господ, машките дечиња, пак, со импровизирана шестокрака ѕвезда одат од куќа на куќа каде домаќините за благослов им даваат по некоја паричка и им ја пеат песната „Дева, Деване“. Тоа е стара песна. Овде имаме  посна трпеза со традиционални јадења, имаме касичка во која ги собираме паричните прилози за првото бебе во Крушево кое ќе се роди по 5 јануари, рече Ѕорица Кузманоска, професорка во крушевската гимназија „Наум Наумоски - Борче“ од организациониот одбор на манифестацијата „Дева“.

Овие древни обичаи кои се чуваат се голема промоција на Крушево.

-Продолжуваме со промоција и со поддршка на вакви настани каде ја поддржуваме, не само заедницата, туку и сето она што значи промоција на туризмот. Сѐ повеќе посетители ни доаѓаат, сакаат да го видат овој уникатен настан, а со тоа ги промовираме нашите традиции, нашата историја, рече крушевскиот градоначалник Томе Христоски.

Младите ги учат и ги знаат обичаите.

- Ова е уникатен обичај, само во Витлеем и во Крушево го има. Паметам уште од мала како ни раскажувале, ги учевме песните, ги знаеме обичаите за „Дева“, вели гимназијалката Кети Божиноска, учесничка во манифестацијата „Дева“.

На манифестацијата „Дева“ се собраа пари и за првото бебе во Крушево по 5 јануари. ем/хс/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан