Во Крушево одбележан 41. роденден на Тоше Проески, поведена иницијатива 25 јануари да биде национален ден на хуманоста
- Со посета на неговото вечно почивалиште, со роденденска торта, со промоции и музичко-сценски настани во спомен-куќата на Тодор Проески денеска во Крушево на Гумење беше одбележан 41-от роденд
Крушево, 25 јануари 2022 (МИА) - Со посета на неговото вечно почивалиште, со роденденска торта, со промоции и музичко-сценски настани во спомен-куќата на Тодор Проески денеска во Крушево на Гумење беше одбележан 41-от роденден на Тоше Проески.
Среќни поради неговиот роденден, но тажни поради прославата без Тоше, неговите фанови и поддржувачи од земјава и од Балканот го посетија Тошевото гробно место на Гумење.
За Наум Капричевски, маратонец, битно е да се биде со Тоше и на неговиот роденден, а не само на 16 октомври кога го трчаат маратонот во негова чест.
- Го трчаме маратонот од Нова Градишка од Хрватска до Крушево, на Гумење, секој 16 октомври кога Тоше загина во сообраќајната несреќа. Но решивме, битно е да сме на неговото вечно почивалиште и на неговиот роденден, на 25 јануари, изјави Капричевски.
Стела Прислан Фујс од Загреб, Хрватска, вели дека секој значаен датум е во Крушево, на Гумење, на вечното почивалиште на Тоше Проески. Истакнува дека најтажно е кога се слави роденден на гробно место.
- И денеска за неговиот роденден сме овде, на Гумење. Тоше не е со нас, но ние сме со него. Најтажниот момент е кога мајката на Тоше ја даруваше роденденската торта за синот на неговото гробно место. Тоше е љубов, бескрајна желба и наша икона. Тука сме за неговите и наши спомени. Да се биде денес на Гумење е чест и привилегија, но и тажно. Но, сите знаеме дека Тоше има само ден на раѓање, вели Стела Прислан Фујс од Хрватска.
Повеќето настани за одбележувањето на роденденот на Тоше се одржаа во неговиот спомен-дом на Гумење: традиционалната крводарителска акција, се интерпретираа песните на Тоше, се одржаа промоции на книги, а попладнево е и музичко-сценскиот настан насловен „Ангел си ти“ со настап на камерниот оркестар од Битола и солистите и изведувачи од Македонската опера и балет. Ова е посебно за нас и за сите нови генерации, вели директорката на спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.
- Спомен-куќата на Тоше е и домот на неговите спомени. И на спомените за Тоше од неговите фанови и почитувачи. Сите настани токму овде ги одржавме во чест на роденденот на Тоше. Тој беше музичар, но и голем хуманитарец. Мило ми е што младите генерации ги почитуваат и усвојуваат неговите морални вредности, вели Гажоска.
За градоначалникот на Крушево Томе Христоски, Тоше беше музичар, но и голем хуман деец. Посочи дека е покрената иницијатива 25 јануари да биде национален ден на хуманоста.
- Решивме дека денот на хуманоста на 25 јануари треба да биде и национален ден на хуманоста. Денеска доделивме пакетчиња во крушевските училишта, ама и поделивме 10 хумаитарни ваучери со еднократна помош за најсиромашните крушевски семејства. Сакаме и оваа година со бројни настани да ги привлечеме фановите на Тоше зашто се навршуваат и 15 години од сообраќајната несреќа кога на 16 октовмри 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска, Тоше го загуби животот, вели Христоски.
Годинава се навршуваат 10 години од отворањето на спомен-куќата на Тодор Проески на Гумење во Крушево. Досега дошле околу еден милион посетители. ем/фф/