• сабота, 06 јули 2024

Во Крива Паланка ќе се гради нов урбан зелен парк

Во Крива Паланка ќе се гради нов урбан зелен парк

Крива Паланка, 5 јули 2024 (МИА) - Изградба на нов урбан зелен парк, изработка на зелен катастар и платформа за следење на квалитетот на воздухот се само дел од активностите што ќе се реализираат во Крива Паланка со најновиот Европски проект „ПАРКС“ вреден 895.000 евра, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија на Европската унија.

-Потпишан е нов проект што ќе донесе урбана пејзажна трансформација на локацијата под комплексот згради кај градскиот пазар. Општина Крива Паланка ќе го имплементира заедно со партнер-општината Дупница од Република Бугарија, а од вкупните одобрени средства, за Крива Паланка се издвоени 388.000 евра што ќе се инвестираат во: изградба на урбан зелен парк под зградите кај градскиот зелен пазар, изработка на зелен катастар со детали за зелените ресурси и инфраструктурата во урбаниот дел, изработка на платформа за следење на квалитетот на воздухот преку поставување сензори во соработка со образовни институции и изработка на прирачник за раст на растенија. Станува збор за проект со сеопфатна визија што ги надминува обичните креации на зелени простори и е синтетиза на инфраструктура со иновации, напредна технологија, сензори за квалитет на воздухот и аналитика во реално време што ќе овозможи одржливост на урбаниот пејзаж, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Проектот „ПАРКС“ ќе овозможи спој на различни засегнати страни: градски планери, еколози, едукатори и население, со што ќе се созде иницијатива фокусирана на заедницата, ветувајќи одржливост на урбаниот пејзаж.

-Покрај во Крива Паланка, зелени простори ќе бидат креирани и во урбаниот дел на општина Дупница, со цел трансформација на сегашните запуштени простори во зелени оази кои задоволуваат многубројни потреби на заедницата. Целта  на проектот е зголемување на зелената инфраструктура во пограничниот регион, во Крива Паланка и Дупница, преку ревитализација на урбаните зони со зелени паркови, живописни зелени простори и користење најсовремена технологија за постојано следење на животната средина, информираат од проектниот тим во Општина Крива Паланка.

„ПАРКС“ претставува креирање патоказ за одржливи урбани заедници преку поврзување на урбаното планирање, екологијата и технологијата.

Од општината нагласија дека со овој проект продолжуваат заложбите на локалните власти за одржување на имиџот на општината како еколошки чиста, урбана и зелена општина. ид/сст/

 

Фото 
Општина Крива Паланка 

Остани поврзан