• петок, 22 ноември 2024

Во крводарителска акција во Здравствен дом - Велес  собрани 34 крвни единици

Во крводарителска акција во Здравствен дом - Велес  собрани 34 крвни единици

Велес, 19 септември 2023 (МИА) - Вкупно 34 крвни единици се собрани денеска во првата организирана акција за доброволно дарување крв што ја организира тимот на ЈЗУ Здравствен дом и Општинската организација на Црвен крст Велес. Петмина првпат дарувале крв и со тоа влегоа  во организацијата на хуманите. Меѓу крводарителите 16 биле жени, а 18 мажи.

- Освен вработените во ЈЗУ Здравствен дом, крв дарувале и вработените во ЈЗУ Општа болница, во Фондот за здравство и детските градинки „Димче Мирчев“, изјави за МИА д-р Кирил Лазов од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, кој со својот медицински тим и волонтери на Црвениот крст заедно ја организираа денешната акција. Тој акцијата ја оцени како мошне успешна и потенцира дека велешките крводарители со години и децении наназад  се едни од најуспешните во земјава.

-Велес отсекогаш бил лидер во крводарувањето во земјава и таа традиција ја негуваме со години и продолжуваме да делуваме мотивирачки на нашите крводарители. Како Институт за трансфузиона медицина во Скопје ние се трудиме во секое време да бидеме снабдени  со доволен број на крвни единици од секоја крвна група, како и крвни деривати за нашите пациенти во вид на електроцити, крвна плазма и тромбоцити,  така што со секое дарување на крв секој крводарител спасува три пациенти, односно животи, потенцира д-р Лазов.

Тој потсети дека за крводарителите кои дарувале десет и над десет пати крв обезбедува повеќе бенифити за бесплатно здравствено лекување, односно секој крводарител е ослободен од било какво плаќање во јавно здравство: како крвни анализи, рентген снимки и компјутери, како и болничко лекување до еден месец.

Ален Давчевски, возач во Брза помош денеска по 53 пати ја подаде својата рака да дарува крв.Тој 20 години работи и исто толку е крводарител. - Имам Б негатив крвна група, која е ретка. Кога требало секогаш сум се одзивал на повик да дарувам крв и спасам нечиј живот. Многу е убаво чувството да му помогнеш на некој кој не може, а ти му помогаш и му го спсуваш животот, потенцира Давчевски.

Меѓу крводарителите денес беше и директорот на ЈЗУ Здраствен дом, 36 годишниот Нино Николов, кој по 50-ти јубилеен пат дарува крв. За МИА информира дека крв почнал да дарува уште како средношолец во Гимназијата „Кочо Рацин“ во 2006 година и оттогаш редовно дарува крв.

Тој ја иницира оваа прва акција во ЈЗУ Здравствен дом заедно со д-р Евица Клифова Шопова, која исто така работи во оваа јавна здравствена установа и е претседател на Општинската организација на Црвен крст.

Николов најави дека акцијата ќе стане традиционална секој септември. ад/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан