• понеделник, 23 декември 2024

Во Делчево одбележани 118 години од смртта на патронот Гоце Делчев

Во Делчево одбележани 118 години од смртта на патронот Гоце Делчев
Делчево, 4 мај 2021 (МИА) - Делчево одбележува 118 години од погибието на македонскиот револуционер и патрон на градот, Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница. По тој повод, на пригодната свеченост пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и цвеќе положија делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево, предводена од претседателот на Советот, Драган Маневски, како и претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓаните.
Во рамките на одбележувањето, членовите на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ прочитаа важни сегменти за животот и делото на Делчев.
-Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството во 1903, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, истакнаа од КУД „Гоце Делчев“ во својот говор.
Градот Делчево името на великанот го добило на 23 април 1950 година кога президиумот на Народното собрание на НР Македонија донесува одлука Царево Село во чест на Гоце Делчев да биде преименувано во Делчево. вс/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан