• понеделник, 04 ноември 2024

Во Грција изречени казни од над еден милион евра за неправилности на плажите

Во Грција изречени казни од над еден милион евра за неправилности на плажите

Атина, 6 август 2024 (МИА) – Во текот на јули биле спроведени 10.000 контроли на плажите во Грција за почитување на условите предвидени со доделените концесии, а досега за неправилности се изречени казни во висина од над 1.150.000 евра, според генералниот секретар за информациски системи во Министерството за дигитално управување Димостенис Анагностопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за грчката телевизија „ЕРТ“, Анагностопулос објасни дека интензивираните контроли се должат и по пријавите од граѓаните преку специјалната апликација „My Coast“ која досега ја имаат инсталирано 103.000 граѓани, а паралелно истакна дека она што е важно е што првпат се јавно познати законските закупи низ целата земја.

Од Министерството за национална економија и финансии на Грција минатата седмица соопштија дека при инспекциите спроведени во текот на јули, било констатирано дека општата слика е значително подобрена во споредба со претходните години, „бидејќи поголемиот дел од бизнисите кои работат на плажите ги почитуваа новите правила и новата законска рамка“, но сепак постојат и прекршувања.

Додадоа дека Халкидики, областа Атика, поширокиот регион на Атина, Превеза, островите во Егејското море, Крит и Крф се регионите во земјата за кои имало најголем број пријави за нерегуларности на плажите.

Само за Халкидики имало 1.873 пријави од кои 234 во период од една седмица. ср/

Остани поврзан