• петок, 22 ноември 2024

Во Грузија најавени протести поради новиот предлог-закон за странски агенти

Во Грузија најавени протести поради новиот предлог-закон за странски агенти

Тбилиси, 8 април 2024 (МИА) – Грузиската владејачка партија Грузиски сон денеска поднесе предлог-закон до Парламентот, кој бара од медиумите и невладините организации да се регистрираат дека се под странско влијание доколку 20 отсто од финансирањето им е од странство. Поради предлог-законот опозицијата повикува на масовни протести.

Предлог-законот е идентичен со тој што партијата Грузиски сон веќе го поднесе пред една година, но го повлече по демонстрациите ширум земјата.

Околу 150 демонстранти денеска протестираа пред Парламентот, но повеќето од опозициските партии повикаа на поголеми протести почнувајќи од утре. Во Грузија утре се одбележува Денот на националното единство, во спомен на 9 април 1989 година, кога Советската армија брутално ги потисна антисоветските демонстрации за независност, што резултираше со 21 смртен случај и стотици повредени.

Противниците на законот тврдат дека неговото усвојување ќе ги намали шансите на Грузија да се приклучи на Европска Унија, која минатата година и го додели на земјата долго посакуваниот кандидатски статус.

Тие, исто така, го нарекуваат „руски закон“ поради неговата сличност со законот кој веќе постои во Русија каде што се користи за стигматизирање на независните медиуми и организации, кои не се согласуваат со официјалната политика на Кремљ.

Законот предвидува сите невладини организации и медиуми кои добиваат 20 или повеќе проценти од нивното финансирање од странство да се регистрираат дека „работат за интересите на друга странска сила“. Таа фраза е единствената промена од нацртот повлечен минатата година, според кој сите такви групи мора да бидат регистрирани како „агенти со странско влијание“.

Претседателката на Грузија, Салома Зурабишвили планира да стави вето на законот доколку тој биде усвоен во Парламентот, но тоа вето можеби нема да трае долго бидејќи нејзиниот мандат истекува оваа година, а според уставните измени, следниот претседател ќе биде назначен од избирачки колеџ кој ги вклучува сите членови на Парламентот. ми/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан