• петок, 22 ноември 2024

Во Виница се одржаа традиционалните Тодорови трки

Во Виница се одржаа традиционалните Тодорови трки

Виница, 11 март 2023 (МИА) – На фудбалскиот стадион во Виница денеска се одржаа традиционалните Тодорови трки на кои учествуваа над 600 натпреварувачи од предучилишна возраст до пензионери.

Организатор на манифестацијата беше Општина Виница со поддршка од стопанскиот сектор од регионот, а учесниците се натпреваруваа во 25 спортски дисциплини. Иако трките традиционално се поврзани и се одржуваат на верскиот празник Тодорова сабота, годинава поради неповолните временски услови настанот беше поместен за една недела подоцна.

-По тригодишна пауза поради пандемијата, по 11-ти пат од возобновувањето, ги организираме Тодоровите трки, чии почетоци се во далечната 1926 година. Со тоа ги продолжуваме традициите и спортскиот дух во Виница, а истовремено придонесуваме за негување, афирмирање и популаризирање на културното наследство. Особено важно е што покрај повозрасните, вклучени се и младите од кои во иднина очекуваме да ги пренесуваат традиционалните вредности, а манифестацијата ќе стане уште помасовна, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Меѓу натпреварувачите најбројни беа најмладите од претшколска возраст и од основните училишта, а покрај натпреварите во трчање, најатрактивни за публиката беа трките со врзании очи, трчањето во вреќа и со шише на глава, влечењето јаже, трчање со патерици и трката со велосипеди. За победниците во секоја категорија беа обезбедени вредни награди како донација од приватните компании во Виница и Кочани.

Во рамки на манифестацијата се одржа и забавна програма со локален дувачки оркестар, а волонтерите на Црвен крст од Виница организираа акција за донирање средства наменети за хуманитарна помош. та/вг/

 

фото: МИА

Остани поврзан