• понеделник, 23 декември 2024

Во Вилнус потпишан Меморандум за операционализација на Центарот за извонредност на НАТО за климатски промени и безбедност

Во Вилнус потпишан Меморандум за операционализација на Центарот за извонредност на НАТО за климатски промени и безбедност

Вилнус, 12 јули 2023 (МИА) - Климатските промени се еден од клучните предизвици на денешницата и зголемените влијанија од промената на климата претставуваат директни и индиректни закани за безбедност на луѓето и државите ширум светот, па од тие прични НАТО реши да создаде свој Центар за извонредност за климатски промени и безбедност, за чија операционализација денеска беше потпишан Меморандум за разбирање на Самитот на Алијансата во Вилнус.

Според оценките на НАТО, екстремните временски прилики и климатските промени може да ги загрозат човечкиот живот и благосостојба, економската безбедност, политичката стабилност, јавната безбедност, имотот и критичната инфраструктура. 

- Ефектите од климатските промени, исто така, го обликуваат однесувањето на државните и недржавните актери на различни начини, кои се уште не се целосно осознаени. Жените, девојките, домородното население, оние кои живеат во сиромаштија и другите ранливи или маргинализирани групи често се особено изложени на ризик од директните и индиректните ефекти на климатските промени, посочуваат од НАТО.

Од тие причини, како водечка политичка и воена алијанса во светот, НАТО со формирањето на овој Центар има јасна цел за справувањето со безбедносните импликации од климатските промени. 

- Климатските влијанија може да ја тестираат отпорноста на воените инсталации и опрема, да создадат посурови или посложени оперативни услови и да ја променат природата на стратешкото опкружување, што претставуваат уникатни предизвици за воените и безбедносните актери задолжени да ја одржуваат нашата безбедност, додаваат од НАТО.

Иницијативата за формирање на Центарот ја покрена канадскиот премиер Џастин Трудо на Самитот на НАТО во јуни 2021 година, по што лани во мај Алијансата официјално го прифати овој предлог. По ова, на Самитот на Алијансата во Мадрид минатата година беше решено седиштето на Центарот за извонредност на НАТО за климатски промени и безбедност да биде во канадскиот град Монтреал. Според најавите, во моментов Канада заедно со останатите сојузници од Алијансата, работи на воспоставување на овој Центар, кој би требало да почне со работа на есен. сп/ац/

Фото: НАТО

Остани поврзан