• понеделник, 23 декември 2024

Во велешкото ССОУ „Коле Неделковски“ од есен ќе има две нови дуални паралелки, освен праксата ќе има и стипендија од МОН

Во велешкото ССОУ „Коле Неделковски“ од есен ќе има две нови дуални паралелки, освен праксата ќе има и стипендија од МОН

Велес, 10 мај 2021 (МИА) - Во Средното стручно општинско училиште „Коле Неделковски“, кое е едно од најдобрите средни училишта во Велес и Повардарскиот регион, освен една паралелка за дуално образование, колку што имаше во изминатите две учебни години, од есен ќе има две нови, една за техничар за производно машинство каде освен, како досега, со „Брако“ и „Маркарт Македонија“ ќе имаат дуално образование и во „Ронтис“.

Во оваа паралелка од есен ќе се запишат нови 25 ученици кои освен настава паралелно ќе имаат и пракса во овие велешки компании, а ќе добиваат и стипендија од МОН, девет месеци по 3.500 денари. За првпат ќе има дуална паралелка за заварувачи каде ќе се запишат 10 ученици а кои праксата ќе ја реализираат во велешките фирми „Леов Компани“ и Брако“, и, кои, исто така, ќе добиваат стипендија од 3.500 денари.

- Предноста на овие дуални паралелки е тоа што учениците по завршување на средното образование, а кои не сакаат да продолжат на факултет, ќе имаат можност да се вработат во ове фирми, бидејќи веќе имаат пракса кај нив, потенцира за МИА, директорката на училиштето, Весна Стојановска Богоевска.

Во изминатите две учебни години, учениците од дуалната паралелка чија пракса се изведуваше во велешките фирми „Брако“ и „Маркарт Македонија“, добиваат секој месец по 2.500 денари, а новина од есен е што ќе добиваат стипендија од МОН од 3.500 денари, девет месеци, колку што трае учебната година.

- Во училиштето се согледува дека практичната настава се изведува во фирмите каде што учениците се оспособуваат како да работат на тие машини и после, по завршувањето на средното образование, ако не продолжат на факултет, имаат убава можност токму во тие фирми и да бидат вработени како веќе обучен кадар, а затоа што токму тие фирми, во изминатите три години за време на школувањето веќе инвестирале во тие ученици и време и знаење.Таа соработката и взаемна и ние како училиште имаме задоволни ученици кои ќе бидат добро обучени,но и фирмите затоа што тие ќе добијат обучен кадар, појасни Стојановска Богоевска.

ССОУ „Коле Неделковски“ како и во изминатите години, и оваа учебна година ќе запише ученици во десет паралелки од кои четири паралелки во машинската струка, и четири во електротехничката струка и по една паралелка за исто така многу популарните сообраќајната струка за техничар за транспорт и шпедиција и еден клас за угостителско-туристичката струка за готвач/келнер, за која, исто така, во последниве години има многу голем интерес и двојно и повеќе заинтересирани ученици отколку што има можност да се запишат.

- Ние запишуваме толку ученици колку што има потреба и не сакаме од овие струки, за кои има поголем интерес да создадеме суфицит на пазарот на трудот, потенцира Стојановска Богоевска.

Првото пријавување во првиот упис рок во средните училишта е од 14 до 17 јуни. ад/ар/

Остани поврзан