• петок, 22 ноември 2024

Во велешката болница во функција Кабинет за дојка

Во велешката болница во функција Кабинет за дојка

Велес, 10 јануари 2024 (МИА) - Во  ЈЗУ Општа болница во Велес од 1 декември 2023 година основан е Кабинет за дојка. На ниво на држава овој Кабинет за дојка е воспоставен во октомври лани од Нациионалната комисија за рак на дојка и Министерството за здравство, информира за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес. Таа појаснува дека само матичните лекари имаат пристап кон Кабинетот за дојка каде закажуваат термин.

-Новината е во тоа што сега каков преглед треба да се направи на жената за тоа одлучува лекар специјалист. Прво поминува на специјалистички преглед, по кој самиот доктор радиолог, супспецијалист за дојка, во зависност од потребите на пациентката креира термин за мамографија или ехо на дојка, биопсија, магнетна резонанца или кон торакална хирургија, информира Андова.

Воедно напоменува дека мамографија и ехо кај здравите жени се прави на две години, а кај оперирани и третирани жени на една година.

-Мамографија се извршува веднаш во Кабинет за мамографија, на дигитален мамограф со врвни перформанси. Ако пациентката има потреба за ехо на дојка, и се закажува преглед во Скопје, на Клиника по хируршки болести во Скопје, бидејќи таму професорките д-р Јасминка Чабуковска-Радуловска и  д-р Тања Петровска ги обавуваат ехо прегледите на најнови ехо апарати, а по потреба пациентките ќе имаат можност и да бидат упатени на еластографија, ако за професорките сметаат дека тоа е неопходно. Пациентките не чекаат пред шалтери,туку за велешките пациентки има формирано посебни термини, каде директно влегуваат кај професорките, кои им го даваат резултатот на рака. Досега имаме многу задоволни пациентки од воспоставениот начин на работа и квалитетот на здравствена услуга кој го добиваат, потенцира Андова.

Таа потенцира дека станува збор за 24 часовна покриеност во сите дијагностики, рентгенграфија на скелет и бели дробови, компјутерска томографија и кабинет за дојка.

Додава дека Кабинетот за дојка на ниво на држава е воведен во октомври лани, а во велешката болница со 30 дена задоцнување затоа што Оддел за радиодијагностика при ЈЗУ Општа болница  Велес, во октомври лани се соочи со реорганизација на работата поради недостиг на доктори специјалисти, кои заминаа во редовна пензија, а еден од нив замина на ново работно место поради промена во местото на живеење.
Двајца доктори се на специјализација по радиологија и очекуваат наскоро да дојдат на оддел по полагање на специјалистичкиот испит.

-Сепак за само 30 дена, недостигот од доктори беше надминат по брза интервенција на Директорот и менаџерскиот тим на ЈЗУ Општа болница Велес. За таа немила ситуација се извинуваме на граѓаните кои во тие денови мораа да одат на преглед по други градови, појаснува Андова. ад/сст/

фото МИА архива

Остани поврзан