• вторник, 05 ноември 2024

Во Велес се спроведува „Недела за грижа на стари лица“

Во Велес се спроведува „Недела за грижа на стари лица“
Велес, 15 ноември 2022 (МИА) - Општинскиот Црвен крст - Велес повторно ја воведе услугата „Мобилни тимови за поддршка на стари лица“, како дел од „Неделата за грижа на стари лица“ што се одбележува од 14 до 20 ноември, информира за МИА, секретарот на ООЦК Велес, Орце Николов. - Целта на услугата  е  бесплатна достава за набавка на храна, хигиена и лекови за старите лица од Општина Велес. Денеска веќе имавме порачка за тимот, кој излезе на терен за набавка на неопходното на стари лица од градот, a кои претходно за тоа побараа услуга на нашиот телефонски број, појасни Николов. Тој информира дека мобилен тим составен од двајца волонтери до 10 декември, ќе оди на терен за помош на стари лица секој работен ден во период од 9 до 13 часот, а заинтересираните може да се пријават на телефонот на Општинскиот Црвен крст 043-231-537 . Николов најави дека заедно со волонтерите в четврток ќе имаат посета на стари лица во нивните домови во градот. Во рамките на „Неделата за грижа на стари лица“ денеска медицинска екипа во просториите на Здружението на пензионери вршеше бесплатни прегледи за мерење на шеќер во крвта и на крвен притисок. В четврток, пак, од 16 часот во просториите на Здружението на пензионери, општинскиот Црвен крст во соработка со лекар ќе одржи едукативно предавање на тема „Правата на пензионерите“, а кое можат да го проследат сите заинтересирани пензионери. ад/сп/

Остани поврзан