• вторник, 22 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Велес отворена изложбата „Насликај го својот живот“ на чешкиот уметник Онджеј Мишек

Во Велес отворена изложбата „Насликај го својот живот“ на чешкиот уметник Онджеј Мишек

Велес, 9 април 2025 (МИА) - Во организација на Народен музеј Велес со поддршка од Амбасадата на Чешка во Скопје синоќа во велешкиот Ликовен салон е отворена  изложбата „Насликај го својот живот“ од чешкиот ликовен уметник Онджеј Мишек, на која се претставени 20 негови дела изработени плакатно - сликарски, во време на пандемијата, а според претходно направени скици додека работел во Бангкок.

Како што информира промоторот на изложбата и негов колега од студии, македонскиот ликовен уметник Лазе Трипков, стилот на Мишек е уникатно, современо, фигуративно сликарство поврзано со моќна типографија, која влече корени од неговите студии по графички дизајн и дизајн на плакати.

Тој појасни дека изложбата е поделена во два дела како и видео проекција од процесот на создавање на делата со еден краткометражен арт филм, која можеа да ја проследат  сите присутни. Потенцира дека изложбата претставува личен, авторски ликовен дневник за што сведочи и видео проекцијата.

Трипков кажа дека стилот на Онджеј Мишек е уникатно, современо, фигуративно сликарство поврзано со моќна типографија, која влече корени од неговите студии по графички дизајн и дизајн на плакати.

Воедно информира дека Мишек студирал графички дизајн на Академијата за ликовни уметности во Варшава, Полска  и истовремено активно се посветил на сликањето. Од 2009 до 2016 живеел и работел во Бангкок, Тајланд, каде настанале и неговите слики кои потоа ги преточил во големи дела за време на пандемијата, а се претставени на оваа изложба.

Трипков за МИА појасни дека тој  во Варшава  студирал кај професорот кој предавал класичен полски плакат, а  се запознал со Онджеј Мишек кој студирал кај професор кој предавал повеќе издавачки техники во графичкиот дизајн. Но, двајцата  се запознале и дружеле интензивно, бидејќи во тоа време додека студирале во Варшава имало малку странци па си помагале и соработувале се до денес.

-Изложбата е поделена во два дела. Тоа е еден негов ретроспективен циклус, каде авторот се враќа наназад во Полска. Има изложено дело од неговите студентски денови, а се од таа транзиција во Полска. Битно е да се каже затоа што комунизмот во Полска бил посебно доживуван. За разлика од кај нас во Македонија и Југославија ние тој социјализам не го доживувавме толку драматично. Нашата потреба да се навраќаме назад и да кажуваме Тито да беше жив и слично...но во Полска новите власти сакаат да направат тотално бришење на се што било поврзано со нивното минато, идеолошки, во целост. На тоа се инсистираше и неговите слики се практично реминисценција односно остатоци од тоа некогашно културолошко минато бидејќи во одредени моменти се јавуваат некои општествени  крикови како стриптиз клубови,бандити,дилери или одредени изреки и локации посткомунистички кои се битни. Вториот дел Тајланд е поинаква приказна, затоа што во прво време работел како професор по графички дизајн, а кога се затворил факултетот каде што работел односно департманот каде што работел, Мишек  не можел да продолжи да работи во другиот факултет и бил принуден да се вработи во клуб во Банкок во Тајланд како менаџер, информира Трипков.

Тој појаснува дека Мишек  менаџирал со клуб кој бил џез, но и стриптиз клуб и  за посебни боречки вештини. Тука се спомнувал и еден мафијаш Собранај, а за кој Нетфликс имал снимено серија. Тој бил еден од сопствениците на тој клуб, но кога Мишек работел во клубот тој бил починат, но сепак го нацртал во едно од неговите дела.

Токму сето тоа од неговата работа и престој  во Тајланд за која тој во тоа време правел скици, потоа за време на пандемијата, Онджеј  Мишек од 2020 до 2023 и потоа го нацртал и е претставено  во делата од оваа изложба.

Авторот Онджеј Мишек во кратка изјава за МИА, информира дека приказната е лична најпрво за тоа кога доаѓа да студира во Полска во Варшава, а потоа заминува и има неколку различни работи во Тајланд.

Тој вели дека во Тајланд е многу тешко да работат странци и кога останал без работа како професор по графички дизајн  успеал да се вработи како менаџер во клуб, а последната година од престојот работел и како тренер за тајландски  боречки вештини.

-Оваа изложба е моја животна приказна за престојот во Тајланд и студентските денови во Варшава. Се случува во голема временска дистанца додека студирам кога има 20 до 25 години и потоа кога влегувам во посериозни години додека престојував во Тајланд од 31 до 38 та година од мојот живот, а од се’ што таму работев правев скици, појаснува Мишек.

На прашање за стилот кој е невообичаен, каде во позадина на неговите слики има и текст, тој потенцира дека текстот е дел од имиџот на сликите.

- Кога започнав да сликам се сетив на тоа што ни го кажуваше нашиот професор, дека текстот типографијата не е посебен туку составен дел. Текстот, буквите тие се составен дел од имиџот од сликата. Тие не смеат да бидат засебен дел туку мора да бидат интегрирани.Јас тоа се обидувам и го правам во моите слики во кои употребувам многу боја, јака боја, потенцира Мишек.

Тој најави дека по Прага, Скопје и Велес изложбата планира да ја претстави и во Кавадарци, а потоа и во соседна Србија во Врање, Ниш и други градови.

Мишек моментално живее и твори во Прага.ад/

Остани поврзан