• сабота, 13 јули 2024

Во Велес одбележани 73 години од смртта на Панко Брашнаров

Во Велес одбележани 73 години од смртта на Панко Брашнаров

Велес,12 јули 2024 (МИА) - Во пресрет на 73-годишнината од смртта на народниот учител и учесник во двата Илиндена, Панко Брашнаров, делегација на Општина Велес предводена од градоначалникот Марко Колев, претставници од советот, јавни институции, граѓани и претставници на неговото семејство, денеска му оддадоа почит и положија цвеќе пред споменикот лоциран во новиот дел на градот пред касарната.

Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во борбата на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските војни, Првата светска војна, па сè до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото, Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток, Република Хрватска, каде починува на 13 јули 1951 година.

Општината на барање на неговото семејство  со години наназад најавува дека ќе ги пренесе посмртните останки на Панко Брашнаров од гробиштата „Мирогој“ во Загреб во Велес.ад/са/

Фото: Општина Велес

Остани поврзан