Во Бугарија денеска се одржуваат протести со барање ДДВ-то за туризам да остане девет отсто
- Во Софија протестот ќе се одржи денеска од 15 до 19 часот под слоганот „Политичари, не го убивајте бугарскиот туризам, не ни ги гаснете светлата засекогаш“, а рестораните ќе бидат затворени од 14:30 до 19:30 часот.

Софија, 9 април 2025 (МИА) - Во бугарската престолнина Софија и во другите градови низ земјата денеска ќе се одржат протести на вработените во угостителството, со барање да остане на сила стапката на ДДВ од девет проценти за туристичкиот сектор.
Во Софија протестот ќе се одржи денеска од 15 до 19 часот под слоганот „Политичари, не го убивајте бугарскиот туризам, не ни ги гаснете светлата засекогаш“, а рестораните ќе бидат затворени од 14:30 до 19:30 часот.
Протестите следуваат откако на средбата меѓу претставници на угостителите и претставници на владејачкото мнозинство не беше постигнат договор за владиниот предлог за зголемување на стапката на ДДВ во областа на туризмот на 20 отсто, објави Новините.
Бизнисмените постојано најавуваа дека враќањето на стапката на ДДВ на 20 отсто ќе доведе до стечај, престанок на дејноста, намален промет и отпуштања, процеси кои се веќе започнати.сд/
фото:МИА архива