• вторник, 24 декември 2024

Во Брисел продолжува скринигот по Поглавјето 11 - „Земјоделство и рурален развој“ 

Во Брисел продолжува скринигот по Поглавјето 11 - „Земјоделство и рурален развој“ 

Брисел, 19 октомври 2023 (МИА) – Во Брисел денеска продолжува билатералниот скрининг за Поглавјето 11 - „Земјоделство и рурален развој“, кој е дел од Кластерот 5 - „Ресурси, земјоделство и кохезија“. Скринингот почна во понеделникот и требаше да трае до вчера, но поради вооружениот напад во Брисел во понеделникот вечерта, при кој беа убиени двајца шведски државјани, а трет беше ранет, неговото продолжение беше одложено за денеска. 

На првиот ден од скринингот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски пред претставниците на Европската комисија од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој и од Дирекцијата за добрососедство и проширување, ги претстави најновите законски решенија, постоечката законска рамка, институционалните капацитети, како и можностите и предизвиците со кои се соочуваат македонското земјоделие и руралниот развој.  

Заменик главниот преговарач на земјава со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Дрита Абдиу-Халили, пак, изрази благодарност до Еврокомисијата за досегашната поддршка во развојот на македонското земјоделство и руралниот развој, нагласувајќи дека земјава е лидер во регионот што се однесува до искористувањето на фондовите од ИПАРД програмата.  

- Горди сме што го потпишавме Финансискиот договор за Програмата ИПАРД 3 на почетокот на октомври. Покрај тоа, реализацијата на ИПАРД 2 Програмата е над 98 отсто. Ова ни дава поттик и надеж дека ќе имаме 100-процентна реализација на ИПАРД 3 Програмата, истакна Абдиу-Халили.  

Поглавјето 11 опфаќа голем број обврзувачки правила, кои во најголем дел се директно применливи и се однесуваат на нивно ефективно спроведување и контрола од страна на јавната администрација, како неопходен дел од функционирањето на заедничката земјоделска политика на ЕУ.   

Дел од македонската делегација на овој скрининг, покрај претставниците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое е носител на ова поглавје и на Секретаријатот за европски прашања, се и претставници од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Државниот земјоделски инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државната комисија за спречување на корупцијата.  

Според СЕП, во изминатиот период земјава работеше на транспозиција на релевантното законодавство на ЕУ, како и на зајакнување на административните и оперативни капацитети, при што е усвоена и Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година, која е во согласност со Заедничката земјоделска политика на ЕУ за периодот 2023 -2027. сп/са/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан