Во Баку договорена нова турска азбука за јазично единство
- Турската академија соопшти дека Комисијата за заедничка азбука на турскиот свет, создадена од Организацијата на турските држави (ОТД), постигнала согласност за предлогот за прифаќање на заедничка турска азбука од 34 букви, пренесе телевизијата Си-Ен-Ен Турк.
Баку, 11 септември 2024 (МИА) - Турската академија соопшти дека Комисијата за заедничка азбука на турскиот свет, создадена од Организацијата на турските држави (ОТД), постигнала согласност за предлогот за прифаќање на заедничка турска азбука од 34 букви, пренесе телевизијата Си-Ен-Ен Турк.
Во изјавата, објавена од Турската академија со седиште во Астана, се наведува дека третото заседание на Комисијата се одржало во Баку од 9 до 11 септември, во соработка со академијата.
Комисијата е формирана во 2022 година со цел турските држави да прифатат заедничка азбука и да го забрзаат процесот на јазично единство.
Главната цел на средбата беше финализирање на проектот за заедничка азбука на турските јазици, користејќи ги досегашните знаења и двегодишното искуство на Комисијата.
На средбата беше постигнат консензус за предлогот на заедничка турска азбука со 34 букви, при што секоја буква претставува различни фонеми кои се наоѓаат во турските јазици.
Развивањето на заедничката турска азбука промовира заемно разбирање и соработка меѓу турските народи, истовремено зачувувајќи го нивното јазично наследство, беше истакнато од Турската академија.
Членки на Организацијата на турските држави се Турција, Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан, додека Туркменистан, Унгарија и Севернокипарската турска република имаат статус на набљудувачи. ссм/
фото: архива