• понеделник, 23 декември 2024

Волф: Ова беше најлошиот викенд на Мерцедес во последните 13 години

Волф: Ова беше најлошиот викенд на Мерцедес во последните 13 години

Сао Паоло, 6 ноември 2023 (МИА) - Извршниот директор на формула тимот на Мерцедес, Тото Волф го нарече викендот во Бразил најлош во последните 13 години. Тој призна дека тимот не ги знае причините за катастрофалниот настап на Големата награда на Сао Паоло одржана вчеравечер.

Волф рече дека тимот направил грешка со поставките на болидот, но дека неточните поставки не го објаснуваат толку голем дефицит на брзина во однос на конкурентите.

- Спринт викендите очигледно не се наша силна страна. Повеќето од овие викенди успеваме да се извлечеме од неволја. Но, таквата разлика - осмото место овде и речиси првото место по брзина пред само една недела во Мексико - изгледа едноставно невозможна. Лично, според мене, ова беше најлошиот викенд во последните 13 години. Да, направивме грешка со поставките, премногу го подигнавме автомобилот и работевме со тие поставки цел викенд. Но, ова не е главната причина за ваков катастрофален викенд. Мора да има некој суштински механички проблем со автомобилот. Задното крило или висината на возењето не можат толку да сменат се, бидејќи таму зборуваме за разлика од неколку милиметри. Да, се разбира, грешка во таквите поставки исто така ве чини губење на брзината, но тоа не објаснува таков неуспех во текот на целиот викенд, изјави Волф.

Првиот човек на Мерцедес кажа и за опцијата да ја започнат трката од боксот со прекршување на правилата „parc fermé“ и избор на оптимални поставки за болидот.

- Проблемот е што немавме идеја што точно треба да промениме во поставките, бидејќи главниот проблем лежеше многу подлабоко. И за да се обидеме да освоиме што повеќе поени, мислевме дека најдобра опција сепак ќе биде да ја започнеме трката од стартната мрежа, додаде Волф.

Трката во Бразил, Луис Хамилтон ја заврши на 8.место, додека другиот возач на Мерцедес, Џорџ Расел се откажа поради технички проблеми. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан